Поранешна ученичка со кујнски нож повредила ученик (15) во приватното училиште „Руѓер Бошковиќ“ во Белград и една професорка која се обидела да ја спречи во нападот, пренесуваат српските медиуми.
Девојчето било поранешна ученичка на ова училиште, но самоиницијативно се отпишало. Полициски екипи се на терен, а според првичните информации девојчето е совладано, уапсено и приведено, потврдиле за Танјуг од српското МВР.
Ни ученикот А.Р. ни професорката, која се здобила со исеченица на раката, не се сериозно повредени.
Училиштето е евакуирано, а на терен се силни полициски екипи и екипи на итната медицинска помош, јавуваат медиумите.
Пред училиштето, шокирани родители ги чекаат децата. Тие се тресат и плачат, пишува „Блиц“.
-Ми се јави син ми и ми рече веднаш да дојдам на училиште, дека во училиштето има повеќе од 20 полицајци, дека од другарка слушнал оти девојка избодела професорка по историја, а потоа почнала да брка другар – вели една мајка.
Друга мајка наведува дека полициско возило возело низ улицата со вклучени ротацини светла.
-Помислив дека повторно е лажна пријава како што утрово се случи во Калуѓерица и во Обреновац. Не го сфатив ова сериозно, но за минута или две, поминаа најмалку најмалку пет полициски возила со вклучена ротација. Не знаев што се случува, но кога дојдов дознав дека девојката побегнала и дека ја бараат – раскажува преплашената мајка.
За потсетување, вчера во Белград 14-годишно момче со пиштол уби осум свои соученици, една професорка и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во кое учел.
Шест ученици со прострелни рани биле хоспитализирани во Ургентниот центар во Белград, односно на клиниката во Тиршова.