„И-брејн-тек“ им обезбедува на клубовите и на спортистите метод за подобрување на нивната концентрација и прецизност без ризик од физичка повреда. Технологијата ја користеа клубови во англиската Премиер-лига, во други клубови во Европа и во фудбалската лига во САД, како и во кошарката, со планови за влез во светот на голфот

„Вежбалницата за мозокот“ им помага на елитните фудбалери

„Тоа е вежбалница за мозокот“, објаснува Константин Сонкин, чија работа првично им помагаше на луѓе со мозочен удар и со церебрална парализа, а сега им користи и на елитните фудбалери, пишува „Би-би-си“. Невронаучникот Сонкин е основач на „И-брејн-тек“ (i-BrainTech), кој им обезбедува на клубовите и на спортистите метод за подобрување на нивната концентрација и прецизност без ризик од физичка повреда.
Технологијата ја користеа клубови во англиската Премиер-лига, во други клубови во Европа и во фудбалската лига во САД, како и во кошарката, со планови за влез во светот на голфот.
– Имаме пет сензорни влеза и само еден излез, сѐ што правиме во животот правиме преку движење. Дури и говорот е движење. Имаме само еден канал за да се изразиме, затоа е толку важно да се разберат механизмите зад таа моторна контрола и особено за поединци што ја изгубиле способноста да се движат поради повреди на мозокот – вели Сонкин.

КОНТРОЛА

Сонкин и неговиот тим развија програма со која играчите, со специјална капа, можат да контролираат аватар на екранот користејќи го само својот мозок, тие можат да го натераат ликот да додава или да изведува пенали, корнери или слободни удари, но успехот на исходот зависи од тоа колку добро играчот се концентрира на движењето.
– Неверојатно е убаво тоа што нашиот мозок реагира на оптоварување на ист начин како и мускулите. Едно лице може да изгради сензори во мозокот, сѐ повеќе и повеќе неврони и врски, на ист начин како што тоа го прават мускулите – рече Сонкин.
Меѓу оние што учествувале во испитувањата се играчи од Макаби Тел Авив, Атланта јунајтед, Ројал унион Сен-Жилоаз, Зенит Санкт Петербург и од португалската фудбалска федерација, а други клубови додадоа тренинзи за мозокот во своите редовни распореди.
– Тој почетен фактор „вау“, кога ќе почнат да го контролираат аватарот само со својот ум… тие гледаат како нивното ниво на фокус ја контролира брзината на топката во играчка средина, колку е таа чувствителна. Ние не сме тренери за слободни удари, ние сме платформа за развој на мозокот. Еден од резултатите може да биде да ги подобрите вашите слободни удари, но работите и на сензорите на вашиот мозок одговорни за моторна контрола и за концентрација и ја подобрувате оваа ментална способност – вели Сонкин, кој живее во Израел.

НЕМА ВОЛШЕБНА КУТИЈА ШТО ЌЕ ВЕ НАПРАВИ МЕСИ

Тоа не е сосема нов феномен, седумкратниот победник на т.н. супербоул во американски фудбал, квотербекот (додавачот) Том Брејди, зборуваше за тоа како користи апликација за тренирање на мозокот, германскиот „Футбонаут“ (Footbonaut) работеше повеќе на подобрување на времето на реакција на играчот, а Јирген Клоп ја призна работата на германската компанија „Неуро 11“ (Neuro11) во максимизирање на менталните перформанси на неговиот тим Ливерпул за време на изведувањето пенали, пишува „Би-би-си“.
Поранешниот американски репрезентативец Џонатан Борнштајн бараше начин да го максимизира својот тренинг кога дозна за технологијата на „И-брејн“. Тој му го претстави на медицинскиот персонал во Чикаго фајр, нагласувајќи ја важноста да може да тренира без дополнително оптоварување на неговото тело.
– Тоа е оваа неверојатна врска, со која ја играте оваа видеоигра со вашиот мозок и ги зајакнувате овие нервни патишта, кои се истите тие што ќе ги користите на теренот. Имав играчи што ја користеа технологијата по повреди што резултираа со долги паузи, професионален кошаркар ја искористи за да го задржи својот фокус и да остане ангажиран во спортот. По операцијата на лигаменти, кога тие не можат да играат девет месеци или повеќе, тоа не е само нешто што доведува до атрофија на главните нервни патишта, туку и општо разочарување што тие не се способни да го прават она што го сакаат. Ова ги одржува патиштата, но исто така им овозможува на играчите да се чувствуваат како да го одржуваат својот сет на вештини. Треба да го рестартирате компјутерот, некој што е навикнат на брзи сложени движења за време на натпреварувањето треба многу брзо да формулира сложени движења – објаснува д-р Брајан Форсајт, главен ортопедски хирург на Чикаго фајр, кој работи и со кошаркарскиот тим Чикаго булс и во безболот со Чикаго вајт сокс.
Во белгискиот тим Ројал унион Сен-Жилоаз, тренерот на академијата Дејвид Каертс ја користи технологијата со своите играчи, еден младинец ја спореди со играњето ФИФА со својот мозок и, додека некои беа скептични претходно, играчите имаа позитивни резултати.
– Јас сум многу отворен за новата технологија. Како тренер, никогаш не престануваш да учиш и тоа е многу важно. Играв пред многу години и ако го споредите фудбалот пред 15-20 години, не е исто како денес, играчите се побрзи, топката се движи побрзо и важно е целото тело да се тренира. Имате физички тренер, толку многу тренери на теренот за да прават многу работи, но тие го заборавија мозокот. Најдоброто решение во моментот е да го тренирате мозокот, да се биде попаметен на теренот, за брзо време да се носат одлуки – вели Каертс, кој водеше контролна група од 24 играчи преку две сесии од 20 минути неделно во текот на три месеца, пишува „Би-би-си“.
Сонкин вели дека не постои „волшебна кутија што ве прави попаметен како Лионел Меси“, иако се надева дека ќе стигне до фаза во која технологијата може пошироко да се користи за спортисти од сите способности за подобрување на нивните перформанси.
– Правиме многу едноставни работи. Сите знаеме дека визуализацијата функционира и е корисна, сите знаеме дека фокусот и концентрацијата се важни. Ние само што направивме мост – додава тој. Н.М.