Швајцарската „Радиостаница 3“ (Couleur 3) денеска наутро емитуваше програма направена исклучиво со помош на вештачка интелигенција, како што објавија и на Твитер-страницата. Од овој експеримент биле исклучени само вестите.
Содржините коишто публиката можеше да ги слушне на музичкиот канал на тамошниот јавен медиум „Швајцарска радиотелевизија“ (РТС), главно се однесуваа на вештачката интелигенција и се произведени со помош на програмата „Чет-ГПТ“, којашто од крајот на минатата година го бранува светот. Гласовите на водителите претходно биле клонирани, како и, меѓу другото, оние на поранешните американски претседатели Барак Обама и Доналд Трамп.
Покрај тоа, станицата редовно вметнуваше наводи и потсетувања дека се работи за експеримент.
-Звучи како „Couleur 3“, но водителките се заменети со вештачка интелигенција- истакнуваа клонираните гласови, кои во суштина не се разликуваа од вистинските водители.
Швајцарската РТС нуди програми на сите четири официјални јазици во Швајцарија – француски, германски, италијански и реторомански јазик.