Украинскиот претседател Володимир Зеленски на својот канал Телеграм објави дека „никој не може да се чувствува безбедно додека Русија не биде поразена“ и додаде дека војната мора да заврши со „нов Нирнберг“, мислејќи на судењето на нацистичките лидери по крајот на Втората светска војна во познатиот „Нирнбершки процес“.
– Секоја манифестација на руски терор, секој ден на агресија е дополнителен аргумент за тврдењето дека сето ова мора да заврши со трибунал – нов Нирнберг против русизмот. Тоа мора да биде судење на оние кои уништуваат животи и луѓе, кои пукаат ракети врз музеи и наведувани бомби врз цркви. Русија мора да загуби. Светот не може да има друга цел – истакна Зеленски.
Кремљ, пак, соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин потпишал указ за воведување привремено управување со имотот на лица од непријателските земји како одговор на заплената или ограничувањето на правото на располагање со руски имот во странство.
Во преамбулата на декретот се вели дека се потребни „итни мерки“ како одговор на незаконските дејствија на САД и другите западни земји насочени кон лишување или ограничување на правата на сопственост на Руската Федерација, нејзините компании и граѓани, пренесува ТАСС.
Уредбата предвидува дека во случај на вакви непријателски дејствија, ќе се воведе привремена управа над имотот кој во Русија го поседуваат сопственици од непријателски земји.