Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин порача денеска дека поддршката на меѓународната заедница за Украина останува „силна“.
– Сите заедно ќе обезбедиме Украина да има се што и е потребно за да живее во слобода. Прашањето за „муниција и оружје за противвоздушна одбрана“ ќе биде во центарот на дискусиите на денот – рече Остин на отворањето на состанокот во американската база во Германија.
Сојузниците на Украина, под притисок на украинскиот претседател Володимир Зеленски да испорачаат повеќе оружје и муниција, се сретнаа за да ја координираат воената помош за Киев.
Состанокот во американската база Рамштајн, на југот на Германија, го организира Остин, а присуствува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој вчера беше во посета на Киев.
– Оваа контакт група е пообединета од кога било досега во поддршката за силите на слободата во Украина – рече Остин.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ја поздрави првата годишнина од состанокот на сојузниците, на кој учествуваат околу 50 земји.
– Ја чувствуваме поддршката од нашите партнери – рече украински функционер пред отворањето на состанокот.