Во Основниот граѓански суд Скопје денеска започна судењето по тужбите поднесени на 27 јануари 2023 година против министерот за надворешни работи Бујар Османи од страна на претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) Бил Николов и ММДЧП како организација.
Станува збор за тужби според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
На денешното рочиште, полномошникот на тужителот, Трајче Торов, ги претстави доказите кои се дел од тужбата и одговори на повеќе приговори во однос на тужбата.
Тој информираше дека е поднесено барање за извинување до електронските адреси на тужениот, меѓутоа, како што рече, „до ден денес немаме никаков одговор“.
Според авокатот на тужениот, Љупчо Илиев, кој имаше предлог тужбеното барање да биде одбиено како неосновано, од содржината на тужбата не може да се прифати дека обвинетиот е виновен за она за кое што се товари.
– Од изнесената содржина во тужбата, поточно од наведените изјави во тужбата, апсолутно не може да се прифати, т.е. утврди, дека обвинетиот, со изјавите, искажал понижувачко мислење, со кое се повредуваат честа и угледот на тужителите, а уште повеќе не може да се утврди намера за омаловажување на кој било, што би значело и на тужителите – рече адвокатот.
Тој кажа дека содржината на тужбата претставува критички осврт на функционирањето на државата со јавната власт, па токму затоа, како што рече, „велиме дека содржината на тужбата не е во корелација со единственото тужбено барање“.
– На 27 октомври 2022 година, 360 Степени објави отворено лажен, навредлив и клеветнички прилог за Македонското меѓународно движење за човекови права и за претседателот на ММДЧП Бил Николов. Во интервју за БТВ, на 27 октомври 2022 година, кое беше објавено на 360 Степени на 28 октомври 2022 година, министерот за надворешни работи Бујар Османи изнесе целосно лажни, навредливи и клеветнички тврдења за ММДЧП и Николов. Османи продолжи со изнесување на целосно лажни, навредливи и клеветнички изјави и за време на неговата прес-конференција на 11 ноември 2022 година – велат од ММДЧП.
Процесот го води судијката Јехона Садику. Судењето продолжува на 29 мај.