Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10д има ниво на доверливост, но оти никој не крие ништо од никого. Согласно процедурите, како што објасни денеска, има институции што можат да го добијат Договорот, а тоа ќе биде направено и со Јавното обвинителство (JO), откако ќе го побараат.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека пратениците имаат доволно знаење, искуство и визија за да донесат законски решенија кои ќе обезбедат побрза реализација на проектот. Тој повторно ги повика владите на САД и на Турција да одговорат, како што рече, „дали од нив или од нивни компании во изминатите две години некој нешто барал од оваа држава во однос на овој проект“.
– Се работи за Договор, како и други договори, што ги има склучено Јавното претпријатие за државни патишта со приватни компании, кои се изведувачи, во случајов се работи за проект и за изведување и за проектирање, во којшто во Договорот, како и во секој друг договор има ниво на доверливост со оглед на тоа дека има компании кои во него наведуваат свои елементи, на кој начин работат, произведуваат итн…, и кои нормално, како во секој двостран договор, не сакаат такви деловни тајни да бидат достапни на пошироката јавност. Но, не значи дека таков договор не е достапен до оние кои имаат право да го имаат согласно со постапки и процедури во државата – рече Ковачевски, во одговор на новинарско прашање.
Потсетувајќи дека тој пред месец и половина ги повика Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да го разгледаат и истражат случајот, посочи дека во моментот кога ЈО ќе го побара договорот согласно со процедурите ќе го добијат со оглед на тоа дека, како што рече, имаат луѓе коишто таму работат и имаат степен на доверливост и сертификати.
На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се одобрени 15 милијарди денари односно 243 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д, средства што се предвидени со буџетот на Мини
-Исто така направив и уште еден повик што го повторувам четврти или петти пат, а тоа е дека ги повикувам Владата на САД и Владата на Република Турција да кажат дали во текот на изминатите две години некој од нив или од компании кои потекнуваат од нивните земји, има нешто побарано во врска со овој проект. Бидејќи опозицијата обвинува дека некој сакал преку овие компании коишто се компании кои потекнуваат од САД и од Турција, да оствари одредена корист и затоа ги повикувам и нив да дадат свој став – нагласи Ковачевски.
Секој договор, појасни тој, има степен на доверливост којшто се однесува на договорните страни и врз основа на степенот на доверливост на договорите тие се доставуваат до оние коишто имаат пристап до такви договори. Може, како што рече, да побара да биде доставен писмен одговор, кои се страните што може да го имаат договорот со согласност на страните што го потпишале.
– Тоа се однесува и на други договори за при изведбени и проектантски проекти. Никој ништо не крие од никого – рече Ковачевски, посочувајќи дека во државава се работи врз основа на Закон и Устав.
Премиерот тврди нема никакви пенали за државата поврзани со овој Договор.
– Доколку се усвои од пратениците да се овозможи само за ваков тип на проект од стратешко и национално значење да има 60-часовна работна недела, тоа ќе значи дека проектот ќе трае и ќе чини помалку. Доколку остане како сега со 40-часовна работна недела, иако сега има некои сектори што работат во недела и тоа е платено, тоа значи дека ќе трае подолго и плус ќе се плати повеќе работна сила што ќе биде донесена од странство – рече Ковачевски.
Прашан зошто Владата не е предлагач на законите за овој проект, туку група пратеници од власта и дали очекува да поминат законите со оглед на бројните амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и пред се од Левица, Ковачевски рече дека пратениците имаат доволно знаење и визија за да донесат закони што ќе го забрзаат проектот од важност за граѓаните и државата.
– Не ме чудат амандманите од Левица. Кога претседателот оди и се поклонува на гробот на Енвер Хоџа, не треба ништо да ве чуди. Посебно не треба да ве чуди од партија која е заложник на партија, чиј претседател оди да се поклони на гробот на Енвер Хоџа. И специјалниот закон е предложен од пратениците и е донесен без некој да биде против и сите постапки понатаму се правени согласно со тој закон. Сметам дека пратениците имаат доволно знаење, искуство и визија за да донесат законски решенија кои ќе обезбедат побрзо и поефикасно работење на компаниите проектанти и изведувачи на проектот за конечно нашата држава добие Коридор 8 и Коридор 10д, како што заслужуваат граѓаните, а како што ги немала досега државата – рече Ковачевски.
Премиерот потсети и дека според Договорот, „Бехтел и Енка“ треба да користи 51 процент ресурси од државата, а остатокот ќе биде од странство.
– Се работи за голема корпорација која ги има завршено своите проекти во регионот, а имаат проекти и надвор од регионот. Тие имаат на располагање и работници и механизација што ќе ја донесат од странство, но ќе ја користат доминантно и механизацијата што е на располагање од државата, нормално под комерцијални услови – рече Ковачевски.
Во однос на тоа кој им дал овластување на Управувачкиот комитет и консултантот да прифатат 60-часовна работна недела како услов „Бехтел и Енка“ да испорача 23 километри годишно, иако тоа веќе беше отфрлено од Уставниот суд, Ковачевски го повика Министерството за транспорт и врски заедно со другите надлежни институции да организира уште еден детален брифинг за целиот проект.