Тој од завчера е и најефикасниот фудбалер од клуб од најсилната англиска лига во една сезона во сите натпреварувања (45 гола по само 39 меча), откако постигна еден гол (ја допре топката само 28 пати на целиот меч) во победата на Манчестер сити над Баерн. Во следните натпревари тој може да достигне два англиски рекорда, едниот стар 95 години, рекорд во ЛШ…
Ерлинг Холанд (22) го собори голгетерскиот рекорд за еден фудбалер од Премиер-лигата во една сезона откако постигна еден гол во победата на Манчестер сити на мечот со Баерн, со 3-0, во првиот дуел од четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ). Норвешкиот напаѓач стигна до уште еден рекорд во својата прва сезона во англискиот фудбал, откако тоа беше негов 45-ти гол за Сити сезонава, по само 39 натпревари, што е рекорд за еден играч од Премиер-лигата во сите натпреварувања. Холанд ја допре топката само 28 пати, помалку од кој било друг стартен играч за двата тима, пишува „Би-би-си“.
– Тој е најефикасниот напаѓач што сум го видел. Неговите голови се надвор од овој свет – изјави поранешниот играч од средниот ред на Англија Овен Харгривс, кој играше и за Баерн и за Манчестер сити.
Холанд исто така има шест асистенции сезонава за Манчестер сити, вклучувајќи и една во овој натпревар со Баерн, за голот на Бернардо Силва за 2-0. Од воведувањето на Премиер-лигата во сезоната 1992/1993, ниту еден играч не постигнал 45 гола во сите натпреварувања… досега. По 44 погодока постигнаа Руд ван Нистелрој за Манчестер јунајтед во сезоната 2002/2003 и Мохамед Салах за Ливерпул во 2017/2018, двајцата по 52 натпревари, пишува „Би-би-си“.
Единствен фудбалер во англиски клуб од најсилната лига (пред воведувањето на Премиер-лигата) што постигнал повеќе во една сезона е Клајв Ален, со 49 погодока во сите натпреварувања за Тотенхем, во сезоната 1986/1987.
Со 45-те гола Холанд исто така постави личен рекорд во една сезона, откако во 2019/2020 тој постигна вкупно 44 гола, 28 за Салцбург и 16 за Борусија Дортмунд. Ова беше и негов 11-ти гол во Лигата на шампионите сезонава, исто така личен рекорд. Само Ван Нистелрој (12 во сезоната 2002/2003) постигнал повеќе голови во ЛШ за тим од Премиер-лигата. Холанд е и најдобар стрелец на Манчестер сити во една сезона, рекорд што го собори пред речиси еден месец и оттогаш го зголеми. Вкупно 38-те гола на Томи Џонсон во сезоната 1928/1929 беа клупски рекорд 94 години.
Холанд, кој е веќе еден од само 12 играчи што постигнале 30 гола во една сезона во Премиер-лигата, цели на рекордот од 34 погодока, поставен од Енди Кол во 1993/1994 и од Алан Ширер следната сезона, и двата во времето кога во Премиер-лигата се играа по 42 меча, а во сезона со 38 меча рекордер е Салах со 32 гола од сезоната 2017/2018, пишува „Би-би-си“.
Се разбира, фудбалот не почна во 1992 година и има рекорди што дури и Холанд нема лесно да ги достигне. Дикси Дин постигна 60 гола во најсилната лига на Англија и 63 во сите натпреварувања, за Евертон, во сезоната 1927/1928. Ако Манчестер сити игра до крајот во Лигата на шампионите и во ФА-купот сезонава, тој ќе има уште 15 натпревари за да ги постигне 18-те гола потребни за да го собори едниот рекорд на Дин, тој за голови во сите натпреварувања.
Во другите од петте најсилни првенства во Европа, Лионел Меси во сезоната 2011/2012 постигна 50 гола во Ла лига и 73 во сите натпреварувања за Барселона. Во Лигата на шампионите, пак, Холанд сега ги надмина 10-те гола што беа доволни за да ја добие „златната копачка“ во сезоната 2020/2021, но му требаат уште неколку за да го израмни рекордот на Кристијано Роналдо од 17 гола од сезоната 2013/2014. Н.М.