Беше мошне долга и мошне непријатна сета оваа дигресија за темната канибалистичка европска страст (на моќните Англија, Франција, Германија, Холандија во амалгамски сојуз со САД) за идентитетска ликвидација и акултурација на послабите и сиромашните. А во заднина стои, се разбира, секогаш материјалниот профит. Во основа. Сега е тука и малата Македонија со која од 1990 г. наваму Европа се мачи безмалку цели три децении да ѝ го скрши ’рбетот. И така вие, драги Ханс и Могерини, заедно со Вашингтон кому сте му ропски вазали, нервозни и нестрпливи, воспоставувајќи ја на трон нелегално сегашната македонска марионетска влада дотуркавте до кукавичкиот, замислен како геноциден, референдум со кој (уште сме на „прекрасниот ден“ на Чехов) во замена за чајот ни понудивте колективно идентитетско самоубиство. Се разбира, според вас и премиерот Заев со прифаќање на договорот од Преспа со што без одложување веднаш ќе бидеме избришани како идентитет, ставени во него под кретенската ознака Втората страна. Онаа на која личат безличниот наш министер Димитров и премиерот Заев. Навистина „прекрасен ден“, почитувани господине Ханс и госпоѓо Могерини. Но ние, да ве потсетам, за волја на вистината и пред тоа имавме редица „прекрасни денови“ благодарение кон вас на беневолентните Брисел и Вашингтон. На пример „прекрасната“ терористичка 2001-ва под западно менторство на албанските терористи промовирани во борци за човекови права. Да. А зошто терористите што ви доаѓаат вам од Блискиот Исток не ги прогласувате за тоа? Иако е прашање дали сите од нив што ве вознемируваат со терористи или очајници на кои вашите, заедно со американските, бомбардери, лакоми за нафта и секаков материјален профит, им ги урнале домовите, убиле семејството и им ја спепелиле татковината, па тие си ја ставаат главата во торба и тргнуваат на јуриш кон најсилниот крвожеден змеј на денешната планетарна цивилизација на страшната либералкапиталистичка демократија што дејствува катадневно со смртоносни бомбардери.
Додуша, драги пријатели Ханс и Могерини, да не бидеме покусо и ние Македонците имавме тероризам, ако сте слушнале за велешките гемиџии. Но тие најпрвин ја испразнија Отоманската банка што ја минираа за да нема човечки жртви. Го испразни исто така Павел Шатев и бродот „Гвадалкивир“ полн со француски патници и дури потоа го потопи. Потоа сите, освен Шатев, гемиџии се самоубија, поднесоа херојска саможртва за да ѝ дадат сигнал на егоистичка Европа дека еден мал народ на Балканот бескрајно страда. Најмногу и по нејзина заслуга. Е, Европа денес ќе го сонува таквиот македонски ангелски тероризам на лична саможртва, но како што гледаме веќе нема да го дочека него, и не сум баш сигурен, драги Ханс и Могерини, дали по овие нови тортури на бриселска Европа врз Македонците за нивна идентитетска елиминација Шатев повторно би го испразнил „Гвадалкивир“ од западните патници или сега ќе го крене во воздух сосе нив. Прашање за размислување за вас европските нарциси на моќните колонијалистички држави.
Да, драги и почитувани. Но да се вратиме на „прекрасните денови“ што ни ги подготвувате од Брисел и од Вашингтон. Многу се. Само некои од нив спомнуваме. Вие бесрамно го аминувате шизофрениот геноциден проект на двајцата исто така шизофрени бугарски пратеници во ЕУ-парламентот за официјализирање на Македонците во Мала Преспа и Голо Брдо во Албанија како Бугари. Повторувам во ЕУ-парламентот, кого бриселските политбирократи го претворија во обичен политички бордел. Потоа тоа беше увертира и за исто така геноцидниот, под ваш диктат, Договор за добрососедство со Бугарија на владата на премиерот Заев, што исто така турбо работи над идентитетскиот геноцид на сопствениот народ, кој, за жал, на негова несреќа го родил него, па и Димитров и сличните како нив. И, притиснати до столченост, го минавме и тој „прекрасен“ ден, за по него да дојде „најпрекрасниот“, оној во Нивици со потпишување на договорот со Грците, „лицем светци срцем волци“ (Прличев), за наше целосно идентитетско бришење од мемориската карта на светот.
И така, драги Ханс и Могерни, ден по ден, сите „прекрасни“, вашата бриселска Европа на суровите моќници заедно со Вашингтон, кон кого таа е страшно импотентна и без сопствен ерос, му го кршевте сега цели дваесет и осум години прешлен по прешлен ’рбетот на македонскиот идентитет, напаѓајќи го како најбрутални хиени неговото Име затоа што е тоа генезата, изворот од кој блика неговото постоење за што е сведок и Библијата. И така, кршејќи нè прешлен по прешлен, нè доведовте како „демократи“ и до за нас смртоносниот референдум. Сигурни, пак и пред самиот него вие ја возгласивте нашата идентитетска смрт, оти силните европски, почнувајќи од Меркел па натаму, и од Америка личности што ја посетија Македонија за да агитираат најбезобразно за таа нејзина гибел, всушност ја формираа погребната процесија за закопот, со негово идентитетско бришење, на цел еден народ со неколкумилениумски културно-цивилизациски континуитет. Народ што впрочем толку многу му подарил драгоцени културно-цивилизациски дарови на светот и на Исток и на Запад. А што се однесува до Античка Македонија, не сте ги читале филипиките на најциничниот грчки филозоф за „варварите“ Македонци од кои Грците немаат мир. Не сте ги читале ни античките историчари (Херодот, Руф, Тукидит, Страбон и други), кои прават повеќе од јасна разлика меѓу Македонците и Грците по етничка линија. Некои од нив биле и современици на Александар Македонски и напишале биографии за него. Да. Но вие сте заљубени во Дројзеновата слика за Античка Грција што е еден од најголемите европски историски и културолошки фалсификати.
Толку, драги Хан и Могерини. И вие без срам го поздравивте за успешен референдумот во Македонија, иако скоро три четвртини од македонските граѓани го бојкотираа него како геноциден. Со тоа вие бриселските политбирократи и понатаму не се откажавте од вашата темна страст за идентитетска смрт на Македонците со нивно преименување. А само да ве потсетам дека договорот со Грција за наша идентитетска ликвидација е трет по ред на Атина во спрега со Европа. Првиот е со Букурешкиот договор, пак изум на Вавилонската Дама, со целосно распарчување на Македонија при што вашата миленичка Грција доби најголем дел 51 процент 1913 година. Вториот е во 1948 г. кога, пак европски, бомбардерите на Черчилова Англија со напалм-бомби ги чистеа Македонците од родните огништа во Егејска Македонија во име на грчкиот монархофашизам. И тоа беше знак дека Европа, по Хитлерова Германија повторно го враќа на сцена фашизмот. Денес тој со притисокот од Брисел да се преименуваме, во пософистицирана и поперфидна форма, е повторно силно актуализиран. Како во Хитлерова Германија и денес за силниците на Европа не важат правните и моралните норми. Туку само неправедните и бескрупулозни политички одлуки. Пример: пресудата во Хаг што ја донесе Меѓународниот суд во корист на Македонија вие најбесрамно до денес ја игнорирате. А, имено, вие сте го создале тој суд.
Сепак и покрај сите жестоки притисоци од Брисел и од Вашингтон, настрана од нивните убави ветувања и лаги, издржа македонскиот народ и го бојкотира геноцидниот референдум. И, може ќе се изненадите од ова што ќе ви го речам сега. А тоа е дека, имено, тие што бојкотираа манифестираа европски вредности, а не тие што гласаа за договорот, вклучувајќи ве и вас од Брисел. Зошто? Затоа што тие оценија дека притисокот за едно такво референдумско изјаснување за сопствена идентитетска смрт е антидемократско и антиевропско, ако ги имаме предвид Европа на Француската револуција и француското просветителство што дејствуваше под слоганот: Братство, еднаквост, слобода, принципите што ги погази целосно оваа ваша денешна либералкапиталистичка и жедна само за материјален профит Европа, испразнета од својата духовна и етичка супстанција. Ете таква Европа сакаме ние, бриселска политбирократска господа, онаа на просветителството, на Волтер, Дидро, Даламбер и другите енциклопедисти на кои вие не сте достојни ни чевлите да им ги бришете. Европа на Иго и на Бакунин првите стратези и визионери за нејзино достојно обединување, каде што сите ќе бидат рамноправни меѓу себе и ќе се проткајуваат со духот на етиката и културата, а не со сплетките на валканата политика каква што ја води сегашната Вавилонска Дама, бриселска Европа кон Македонија и Македонците. Македонците, кои, да се вратиме пак на Чехов, не ја прифатија вашата понуда во „прекрасниот“ ден да се самоубијат, туку избраа да пијат чај. Демократски и источно европски: на референдум. Да. Но вие до крај сурови го терате нашиот налудничав премиер сега да не ја почитува волјата на народот што го избрал, туку да се обиде конечно проблемот за името да го реши со нацифашистички, диктаторски метод во Собранието, кое тој и неговата влада со ваш, почитувани Ханс и Могерини, „европски“ амин го претворија во порно-политички бордел.
Остана накратко да кажам нешто и за НАТО, со кое патем нè заплашувате и ни го трупате, заедно со Американците, во пакет со Европа и плус, се разбира, со геноцидниот договор со Грција. Сè заедно содржано во најапсурдното, најконфузното и најглупо троделно прашање во историјата на сите светски референдуми. И пак изум на Брисел. НАТО. Тоа како што мислам јас, почитувани Ханс и Могерини, не е безбедносна туку антибезбедносна за целиот свет агресивна и военопрофитабилна организација, која е основана, имено, да ги брани западните богаташи, нивните дебели банки и корпорации, а не малите, сиромашните и безбедносно загрозените народи. Конечно, ако не знаете, НАТО е основан со задача да не воскресне повторно Пролетерската интернационала и некоја нова Октомвриска револуција што ќе го конфискува имотот на западните екстра богаташи стекнат од крвта, потта и солзите на сиромашните. Конечно, дури и да е така, што ќе бараме ние Македонците во НАТО? За да им плаќаме рекетарски данок на Американците од сиромашниот буџет, кој и онака постојано е плен на нашите корумпирани политичари, или да се бориме како топовско месо во првите борбени редови против Русите, кои, рака на срце, сепак нам ни се според генезата, а и според многу други нешта поблиски по душа и срце од Американците и кон нас сурово неправедните бриселски Европејци?
Тоа! Туку го завршувам писмото до вас, драги Хан и Могерини, кое впрочем преку вас ѝ го упатувам и на вашата хипокритска Европа. Да повторам, иако веќе неколкупати понапред нагласував: ние Македонците барем сега засега по референдумот однесовме победа и се изборивме за еден прекрасен ден во стилот на дилемата на славниот руски писател кон кого јас имам посебна слабост – Антон Павлович Чехов. Не се самоубивме (идентитетски) како што силно посакувавте вие од Брисел и од Вашингтон туку се одлучивме за чај. И, дај Боже, се надеваме дека тој изборен прекрасен ден ќе се престори, и покрај и понатамошните ваши сурови притисоци, во вечност, секогаш цврсто закотвени во своето исконско име и идентитет. Во она на што имаме право од Господ, а не од Брисел и од Вашингтон, од Атина, Тирана или од Софија. Или… Оти да не се послужам со метафората на познатата слика на Ван Гог „Житно поле со гарвани“: многу се гарваните над житното поле Македонија. Ве поздравувам драги бриселски пријатели и ве поканувам на чај, а не на самоубиство како што нè нудите вие. Ние имаме, како прва новозаветна христијанска земја во Европа, нешто научено од науката на Исус: да му проштеваме и на својот непријател, да му го вртиме и другиот образ кога ќе нè удри по едниот. Ама сепак нашето историско искуство тука е премногу горчливо. Премногу се ударите што ни се нанесени и што сè уште ни се нанесуваат. Ова е веќе неиздржливо. Доста е!
П. С. Писмото ви го пишував, почитувани Хан и Могерини, пред она силеџиско гласање за уставните измени и прифаќање на геноцидниот Преспански договор во нашиот Парламент, изведено по ваша препорака со балкански методи, такви какви што практикува и Брисел. Така, иако со Референдумот избравме (по аналогија на Чехов) да пиеме чај, а не да се самоубиеме, вие од Брисел и од Вашингтон сепак не ни го дозволивте тоа задоволство. Одбравте да нè убиете, без да знаете дека имаме вампирски талент за воскреснување. Затоа немојте ни секунда да заспивате. Може некој да ве фати за врат.