Руската култура ќе биде забранета на Крим кога Украина ќе ја врати контролата, порача Михаил Подољак, висок помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интеврју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тој рече дека сѐ што е руско мора да се искорени од Крим и дека Украина ќе го окупира тој полуостров во рок од седум месеци. Подољак додаде дека Киев планира да воведе законски казни за имателите на руски пасоши и другите, како што вели, предавници кои живеат во регионот.
– Веднаш штом ќе влеземе, мора да искорениме се што е руско на Крим – рече Подољак во интервју за РСЕ. Тој додаде дека Крим повторно ќе стане дел од украинскиот културен простор.
Тој тврди дека неговиот став е „математички потврден“ и дека Русија ги нема потребните ресурси за да го задржи регионот.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва предложи Украина да ѝ го отстапи полуостровот Крим на Русија за да стави крај на војната, нагласувајќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „не може да бара сè“.
– Шефот на руската држава Владимир Путин не може да ја заземе територијата на Украина. Веројатно може да се разговара за прашањето за Крим, тој треба да ги преиспита работите. Ниту Зеленски не може да бара сè. На светот му треба смиреност. Мора да најдеме решение – истакна Лула.
На крајот на јануари Лула излезе со сè уште нејасен предлог за посредување во конфликтот во Украина од страна на група земји. Следната недела бразилскиот претседател треба да му го претстави својот проект на кинескиот колега Си Џинпинг во Пекинг.
Шефот на бразилската држава изјави дека е „уверен“ во шансите за успех на овој проект и се надева дека оваа група на земји ќе се формира по неговото враќање од Кина.
Главниот советник за надворешна политика на Лула, Селсо Аморим, на крајот на март во Москва се состана со Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој се очекува да пристигне во Бразил на 17 април.