Би рекол дека за Бугарија е единствено важно да обезбеди еднакви права на бугарскиот народ со другите народи во Македонија. Ова на брифинг го изјави вршителот на должноста бугарски министер за надворешни работи Николај Милков. Тој одговори на прашање во врска со изјавата на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, дека барањето на Бугарија да биде дел од процесот на уставни измени е скандалозно.
– Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Република Северна Македонија – коментира Милков.
Вклучувањето на Бугарите во Уставот и заложбата на Скопје да преземе мерки за обезбедување ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на Бугарите, се наведени во Протоколот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, кој беше потпишан на 17 јули 2022 година, потсети министерот. Тој изрази жалење што оттогаш нема напредок по ова прашање. Според него, темата станала предмет на „внатрешна дебата“, поврзана со покренување постапка за промена на Уставот.
Во врска со почетокот на овој процес, Милков изјави дека ги поздравува напорите на Македонија за исполнување на обврските, кои, според него, треба да доведат до практична рамноправност на тукашните Бугари.
-Успешното завршување на еден ваков процес ќе доведе до издигнување на билатералните односи на квалитативно ново ниво и ќе даде позитивен поттик на напорите на Република Северна Македонија за почеток на преговори за членство во Европската унија – изјави Милков.
Тој посочи дека процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа Македонија.
Има низа акции кои може да се оквалификуваат како обиди за подигнување на степенот на тензија, со што би се намалила можноста за мирен дијалог и атмосфера за овие промени – истакна Милков.
– Јас лично не мислам дека изјавите од ваков тип водат кон смирување на ситуацијата – посочи тој во врска со изјавата на Пендаровски.
Во духот на нашето досегашно искуство, би сакале да избегнеме сценарија во кои приоди и конкретни решенија се договараат зад грб на Бугарија со земјите членки на Европската унија, за потоа да ни се врши притисок или да бидеме ставени пред свршен чин, коментира исто така министерот.