Косовскиот премиер Рамуш Харадинај објави дека неговата Влада на денешната седница донела одлука да воведе дополнителни 10 отсто на таксите за производите кои се увезуваат од Србија и порача дека од денеска па натаму во Косово ќе се донесуваат одлуки во врска со однесувањето на Србија без за нив да се расправа во Брисел.
– Дел од Европската унија смета дека се треба да оди на маса со Србија, и за либерализацијата на визите и за војската мислат дека треба да се стават на маса, меѓутоа Србија има непријателски однос. А, кон земјите кои имаат непријателско однесување следуваат санкции. И ние така ќе дејствуваме. Процесите ќе се драматизираат, но измени на косовскиот Устав нема да има, изјави Харадинај по денешната седница на Владата.
Косовскиот премиер реагираше и на изјавите на австрискиот канцелар Себастијан Курц, со кого се сретна порано денеска и кој, меѓу другото, рече дека е скептичен во врска со одлуката на властите во Приштина да ги трансформираат Безбедносните сили на Косово во војска на Косово.
– Има многу скептици за војската, но ние не бараме милост, туку партнерство, рече Харадинај.
За изјавата што Курц претпладнево ја даде пред средбата со Харадинај, односно по онаа со претседателот Хашим Тачи, дека Австрија безусловно ќе го прифати секој договор меѓу Приштина и Белград, вклучително и корекцијата на границата и размената на територии, косовскиот премиер порача дека никој не може да бара од Косово да даде своја територија во замена за признавање од Србија.
– Таа идеја е мртва. Како може некој да излезе и да му каже на Косово „ќе бидете признаени од Србија, само треба да и подарите земја“. Тоа е вистината за тоа сценарио – да се купи признавањето со земја. Ако ја отвориш темата за територијата на твојата држава, тогаш ти не си тој кој што се претставуваш, изјави Харадинај.
Сепак, според Харадинај, Курц денеска не му порача на Косово дека корекцијата на границите е неговото претпочитано решение.
– Не е добро да сме загрижени, затоа што Курц не рече дека е тоа неговото претпочитано решение, тој не вели дека тоа е решението, рече косовскиот премиер.
Тој порача дека Косово е за дијалог со Србија, но дека нема да потклекнува.
– Тие заработуваат стотици милиони од тоа што ни го продаваат нам и ги користат парите за тоа за што ги користат. Ние ќе одговориме со мерки како оваа со зголемување на таксите за увозот од Србија, заклучи Харадинај.