Ремито беше потпишано во 40-от потег во позиција на разнобојни ловци и пешак повеќе по А-линијата за Жонгји, но недоволно за повеќе од половина поен

ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТКИ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА

Третата партија од финалниот турнир за предизвикувачка на светската првенка во шах помеѓу кинеските претендентки Тан Жонгји (2.526 рејтинг-поени) и Леи Тинџие (2.545), што се игра во кинескиот град Чонгкинг, заврши со поделба на поенот во 40-от потег. Ова е прво реми по двете возбудливи партии, а моментниот резултат е 1,5-1,5.
Во третата партија, Жонгји (31) водејќи ги белите фигури се врати на својот стандарден репертоар на отворање со првиот потег д4, па во отворањето дамин гамбит, Тинџие (25) се одлучи за варијантата на Тараш. Ремито беше потпишано во позиција на разнобојни ловци и пешак повеќе по А-линијата за Жонгји, но недоволно за повеќе од половина поен. По слободниот ден, четвртата партија од предвидените шест, според планот, требаше да се игра вчера, а белите фигури ги имаше Тинџие.
Победничката од овој финален дуел помеѓу Тинџие (рангирана шеста на светската ранг-листа) и светската првенка од 2017 година Жонгји (рангирана осма во светот), ќе се соочи со актуелната светска првенка, 17-та по ред, а шеста од оваа држава, Ју Венјун (2.550, рангирана петта). Контролата на времето на една партија е 90 минути за првите 40 потези, плус 30 минути до крајот, со додавање од 30 секунди по секој потег почнувајќи од првиот, но не е дозволено реми пред 40-от потег. Наградниот фонд изнесува 110.000 евра, а победничката ќе биде побогата за 60.000 евра. Г.И.