Тоа ќе биде седумгодишен договор, ќе почне ерата на нов турнир, во текот на сезоната играчите ќе мора да одиграат барем 65 меча за да се квалификуваат за врвните индивидуални награди…

Финансиски најуспешната ера во историјата на НБА ќе продолжи најмалку уште шест години, откако лигата и кошаркарите постигнаа пробен договор за нов колективен договор што ќе почне летово, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– НБА и Националната асоцијација на кошаркари постигнаа пробен договор за нов колективен договор, во очекување на ратификација од играчите и од клубовите – беше единствениот коментар на лигата.
Технички, тоа ќе биде седумгодишен договор, иако секоја страна може да се откаже една година порано. Исто така, ќе почне ерата на нов турнир, во текот на сезоната, нешто што комесарот на НБА, Адам Силвер, го посакуваше со години, пишува АП. Тимовите ќе имаат распоред од 80 натпревари за следната сезона, а тие мечеви ќе вклучуваат натпревари на „турнири“, веројатно четири, кои ќе се сметаат во пласманот во редовната сезона. На сите тимови ќе им бидат додадени уште две средби во распоредот на крајот за да се одигра целосниот распоред од 82 меча, а двете екипи што ќе играат во финалето на турнирот ќе го одиграат и 83-от натпревар, кој нема да се смета за вкупниот пласман.
Меѓу другите детали, според извор запознаен со преговорите што зборуваше за АП, играчите генерално ќе мора да се појават во најмалку 65 меча за да се квалификуваат за врвните индивидуални награди, како што е најкорисен играч (МВП), максималната вредност на продолжувањето на договорот ќе се зголеми, трет двонасочен договор сега ќе им биде достапен на тимовите, што потенцијално би можело да доведе до зголемување на составот од 17 на 18… Изворот зборуваше анонимно, затоа што ниту Лигата ниту Националната асоцијација на кошаркари не објавија детали јавно.

Договорот не го завршува процесот, иако очигледно е огромен чекор напред. Сопствениците ќе треба да гласаат за тоа што преговарачите го смислиле, а играчите ќе треба да гласаат и за да го одобрат договорот. Потоа доаѓа вистинското пишување на документот, а актуелниот има околу 600 страници. Голем дел од тоа ќе биде исто, голем ќе треба да се ревидира, пишува АП. И додека овие разговори траеја повеќе од една година, ова е втор последователен колективен договор за кој се преговара без дисфункцијата што ги придружуваше разговорите во 2011 година, кога лигата паузираше 161 ден и во сезоната 2011/2012 наместо 82 се играа 66 натпревари. Немаше апетит за прекин на работата, не по сезоната 2021/2022 во која приходот од НБА првпат надмина 10 милијарди долари, а приходот поврзан со кошарката достигна 8,9 милијарди, што е уште еден рекорд, пишува АП. Силвер рече дека НБА е во темпо сезонава за повеќе распродадени мечеви од кога било досега. Н.М.