Средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ, со премиерот на Македонија Димитар Ковачевски и со премиерот на Албанија Еди Рама, се одржа во градското собрание на Бардолини, Италија, како дел од иницијативата Отворен Балкан, што е првпат во овој формат да се одржува надвор од границите на Западен Балкан.
На заедничката прес-конференција Вучиќ рече дека разговарале за тоа како да им се помогне на обичните луѓе и како да се отстранат сите пречки за да се овозможи слободна трговија и слободен проток на стоки – јави дописникот на МИА од Белград.
Тој кажа и дека е постигнат договор за завршување на процесот на осигурување на работните дозволи, што ќе биде основа на економската соработка на трите држави.
– Имавме плодни дискусии за прашања поврзани со Отворениот Балкан. Разговаравме како можеме да ги отстраниме сите пречки, да овозможиме слободна трговија и проток на стоки, услуги и капитал. Разговаравме и за многу други прашања поврзани со безбедноста на храната и како да се обезбеди пристап до други земји. Разговаравме и за електронските картички за сите луѓе за да можат да се усогласат. Таа ситница означува многу голем напредок. Разговаравме и за приемот на нови идентификациони картици и сите тројца се согласивме дека ќе можеме да направиме одреден напредок по тоа прашање во наредните месеци. Се договоривме за завршување на процесот за обезбедување работни дозволи и тоа ќе биде, се осмелувам да кажам, основата на економската соработка меѓу нас – рече Вучиќ.
Вучиќ додаде дека трговската размена меѓу Србија и Македонија е се поголема и дека е зголемена за околу 50 проценти во последните три години.
-Најголемата пречка за нас на Западен Балкан се границите, бидејќи кога имате камион кој превезува некаква стока, од нив 30 отсто возат, а 70 отсто стојат на границите – истакна Вучиќ.
-Јас и Еди зборуваме за соработка, понекогаш може да имаме спротивставени изјави, но економијата е основата на односите меѓу двете земји и важно е граѓаните да се чувствуваат побезбедно и да се добро прифатени кога одат во други земји – рече Вучиќ во одговор на прашања од новинарите за спротивставените ставови на Србија и Албанија во врска со ситуацијата на Косово.
По средбата, тројцата лидери го обиколуваат Саемот за вино „Винитали“ 2023 и заедно со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, го посетија заедничкиот штанд каде вината ги презентираат изложувачи од Србија, Македонија и Албанија.