Се надевам дека ќе имам успешен подготвителен период и, како и секогаш, ќе дадам сѐ од себе да се вратам оттаму со медал, како што го направив тоа во Баку, вели Павлов
КАРАТЕ – ЕМИЛ ПАВЛОВ ОБЕЗБЕДИ НОРМА ЗА ТРЕТ НАСТАП НА ЕВРОПСКИТЕ ИГРИ
Емил Павлов ја исполни нормата за настап на престојните Европски игри (ЕИ) годинава во полскиот град Краков, што е уште еден голем успех на најдобриот македонски каратист и на македонското карате воопшто. Засега Павлов е единствен македонски каратист со три учества во низа на ЕИ, претходно во Баку (Азербејџан) во 2015 година и во Минск (Белорусија) во 2019-та.
– Голема чест и привилегија е за мене што ќе имам можност третпат во низа да бидам дел од Европските игри и со тоа да ја претставувам Македонија на највисоко ниво. Голема благодарност до сите што веруваат во мене и на поддршката што ми ја дадоа за исполнувањето на оваа посакувана норма – вели Павлов.
Павлов е двократен европски првак (во 2014 и 2018 година), двапати бил и трет (2016 и 2019), а лани настапи и на Светските игри (СП) во САД. На првите ЕИ, во 2015 година, Павлов и Мартин Несторовски освоија бронзени медали. Павлов посакува и од овие ЕИ да се врати со медал.
– Цел на овие игри ќе ми биде да освојам медал. Се надевам дека ќе имам успешен подготвителен период и, како и секогаш, ќе дадам сѐ од себе да се вратам оттаму со медал, како што го направив тоа во Баку – вели Павлов.
До посакуваната норма Павлов дојде по расплетот на неодамнешното ЕП во Гвадалахара (Шпанија), каде што првите тројца директно обезбедија учество, па се ослободија три места за следните од ранг-листата. Еден каратист доби вајлд-карта, а еден е претставник од земјата-домаќин. На ЕИ ќе има најмногу по осум претставници во секоја тежинска категорија.
Учесници во категоријата до 67 кг се и Стивен Да Коста од Франција, Дионисиос Ксенос од Грција, Бурак Ујгур од Турција (сите од ЕП 2023), Турал Агаларзаде од Азербејџан, Ив Мартијал Тадиси од Унгарија (од ранг-листата), Милош Сабиецки од Полска (претставник на домаќинот на ЕИ 2023) и Стефан Команеску од Романија (вајлд-карта).
– Во мојата категорија јас бев шести на таа ранг-листа, но по расплетот дојдов на третата позиција и така обезбедив норма. Ова требаше да го сторам многу порано, но отсуството од 4-5 турнири си го стори своето, па од второто паднав на шестото место на ранг-листата – појаснува Павлов. Г.И.