Повод: Во очекување на иницијативата пред Националната комисија за УНЕСКО
Природното добро Маркови Кули, кое меѓу заштитените подрачја во нашата земја спаѓа во редот на врвните објекти на природата во делот на геонаследството, се наоѓа во централниот дел на Македонија, северно од градот Прилеп. Од север, североисток и исток локалитетот е заграден со планината Бабуна, а на запад и југ со Прилепско Поле и магматско-метаморфниот комплекс на Селечка Планина (Студеница, 1.644 м). Поточно, овој објект на природата ги зафаќа крајните источни делови на Прилепско Поле, помеѓу сливот на Стара Река и Прилепска Река, со кои е заграден од западната и од источната страна. Всушност тоа претставува огромна грамада што се издига од Прилепско Поле.
Површината на споменикот на природата Маркови Кули изнесува 3.648 хектари, што претставува 0,14 отсто од територијата на земјава. Во овој гранитски комплекс на карпи се воочуваат три доминантни возвишенија: Златоврв (1.422 м), Липа (1.402 м) и Единок (1.317 м).
Поради забележителните природни вредности на карпестите маси на Маркови Кули, во 1967 година, од страна на поранешниот Републички завод за заштита на спомениците на културата е донесено решение за нивно ставање под заштита како природна реткост, според тогашниот закон за заштита на природните реткости.
Поаѓајќи од стручно-научен аспект дека прилепскиот гранитоиден масив Маркови Кули поседува посебни, специфични карактеристики на редок природен феномен на геоморфолошки манифестации, во 2003 година пред Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија е поведена иницијатива за впишување на ова природно добро на привремената листа на УНЕСКО. Иницијативата беше прифатена и тогашната Влада на Република Македонија даде согласност да се достави предлогот до Меѓувладиниот комитет за заштита на светското културно и природно наследство за впишување на Маркови Кули во листата на светското наследство при УНЕСКО (привремена листа). Предлогот беше прифатен и од 2004 година Маркови Кули е на привремената листа на УНЕСКО.
Со донесувањето на Законот за заштита на природата во 2004 година е утврдена обврската за ревалоризација на заштитените подрачја во Република Македонија, заштитени пред денот на почнувањето на примената на овој закон и подготвувањето нови акти за прогласување. Врз таа основа, во 2007 година Собранието на Република Македонија го донесе Законот за прогласување на локалитетот Маркови Кули за споменик на природата.
Просторот на прилепскиот гранитен комплекс, во целина, го сочинуваат повеќе импозантни возвишенија (грамади) поврзани во две паралелни низи со правец на протегање север-северозапад/југ-југоисток, чија надморска височина постепено се зголемува од југ кон север. Западната низа ја сочинуваат грамадите Маркови Кули (945 м), Зеленик (993 м), Јави Стени (1.153 м), Заградски Стени (1.231 м) и Мраморски Рид (988 м), додека источната низа започнува со Кукул (980 м), на кој натаму се надоврзуваат Главица (1.033 м), Единок (1.303 м) и Сурун (1.077 м). Овие две низи на грамади меѓу себе се раздвоени со долината на Дабничка Река и во северниот дел се сврзани со највисоките врвови на овој простор – Златоврв (1.422 м) и Липа (1.392 м), кои се протегаат во попречен правец југозапад-североисток.
Возвишенијата во рамките на гранитниот комплекс кај Прилеп ги сочинуваат многубројни разновидни примарни геоморфолошки продукти на магматски лачења и денудациони форми од гранитни карпи, кои претставуваат извонредна манифестација на еден редок природен феномен. Ваквите облици може да се следат на поширокиот простор на Прилеп, преку областа Мариово до Кајмакчалан. Меѓутоа, толкава концентрација и таква разновидност на разни гранитни релјефни форми, досега, во пошироки рамки, не се забележани. Ова феноменално богатство на облици главно се должи на литологијата на теренот претставена со метаморфни карпи (гнајс) што се пробиени од помлади гранити (адемелити), потоа на климата, релјефот и живиот свет. Според достапните податоци, пред околу 300 милиони години, гранитите се втиснати во постарите гнајсеви, чија старост се проценува на околу 720 милиони години. Подоцна, сложениот геолошки, геотектонски и петрографски развој на овој терен довел до појава на голем број пукнатини, раседи и специфични облици на испакнување, кои одиграле важна улога во еволуцијата на теренот на Маркови Кули. Така, на подрачјето на Маркови Кули може да се сретнат хоризонтални или малку наклонети пукнатини, отворени вертикални или приближно вертикални пукнатини и отворени пукнатини. Отворените пукнатини од кој било тип се среќаваат со димензии од 10 до 20 сантиметри, а локално и до еден и повеќе метри.
Со дефинитивното издигање на теренот и настанувањето на прилепската антиклинала, врз примарните релјефни форми продолжиле да дејствуваат егзогените (надворешни) процеси, кои се манифестираат преку физичките, хемиските и органските влијанија. Тие дејствувале во разни климатски услови, од умерено влажно (како што е денес) преку влажно и топло кон крајот на епóхата на плиоцен, до екстремно суво и ладно во текот на глацијалните фази на плеистоценот. Тоа имало одраз и на создавањето на геоморфолошките форми од егзогено потекло, низ еден процес на еволуција, кој временски бил доста долг, од неколку стотини илјади до неколку милиони години, со што, со текот на ендогенезата, претходно настанатите сфери, куполи и квадари се дооформувани и модифицирани во разни денудациони релјефни форми, кои и денес оставаат силен впечаток од необичноста на формите.
Во целиот овој масив од гранитоиди се истакнуваат најразновидни микрорелјефни форми во вид на столбови, запци, групни и осамени блокови, печуркасти форми, топки и слично, како и мали вдлабнатини во карпите, познати меѓу народот од овој крај како Маркови стапалки. Некои од овие комплексни геоморфолошки облици имаат џиновски размери со тежина и од по неколку стотини тони. Значи, пресудна улога во генезата на специфичните форми на релјеф имале релаксациските процеси од ендогена природа на киселиот магматски продукт на гранитоидите, на кој потоа дополнително се надоврзале егзогените-денудационите процеси, преку хемиското влијание на водата, дејството на хумусните киселини, кои ги испуштаат лишаите и мовта со кои се покриени карпите ѝ механичкото дејство на температурните колебања, замрзнувањето на водата во пукнатините на карпите и воздушните струења.
Покрај извонредната застапеност на разновидни денудациони релјефни појави, на локалитетот Маркови Кули се застапени и голем број микрорелјефни форми во вид на мали плитки вдлабнатини во карпите создадени на хоризонтална основа и на вертикалните делови на карпестите маси. Од вдлабнатините на хоризонтална основа најчести се лочките (чашки), камените стапалки, камените котли и корита, додека од микроденудационите форми настанати на вертикалните делови на карпите може да се издвојат две групи: гнајсни пештери и тафони (гнездести дупки).
Самата конфигурација на теренот на Маркови Кули и неговата поволна географска положба овозможиле ова подрачје да биде континуирано населувано уште од најстари времиња (бронзената епоха, железното време, античкиот и средновековниот период). Најстарите сведоштва за животот на овој локалитет се од периодот на неолитот. Така, на возвишението Чардак се откриени остатоци од населба од железното време, а на јужните падини на Маркови Кули се зачувани траги на населби од хеленистичкиот и римскиот период. Во периодот од II и IV век на локалитетот Заград се наоѓала голема населба од урбан карактер.
Во споменичкиот комплекс на Маркови Кули посебно место заземаат спомениците на словенската култура, претставени во остатоци, како што е тоа најголемата раносредновековна словенска населба откриена на Балканскиот Полуостров. За словенскиот период (IX-XI век) се врзуваат големата некропола на југоисточната страна на Маркови Кули и општествено-политичкиот центар со трон од камен, за кој се претпоставува дека води потекло од доаѓањето на Словените на Балканот.
Во почетокот на III век од нашата ера овде е создадена една од петте најголеми тврдини на Балканот. Тврдината е организирана во три одбранбени појаси, во чии внатрешни делови постојат остатоци од редица градителски објекти со различна намена. Меѓу репрезентите на градежните објекти на тврдината е манастирот „Св. Архангел Михаил“, каде што е откриена композиција од втората половина на XII век, а блиску до неа, на една некогаш вертикално поставена карпа се најдени квалитетни фрески од средината на XI век.
Друштвото за заштита на природата на Македонија во 2022 година, со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, го изработи досието за впишување на Маркови Кули во постојаната листа на УНЕСКО, за што се надеваме дека наскоро Министерството за животна средина и просторно планирање ќе поведе иницијатива пред Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија за впишување на ова природно добро на постојаната листа на УНЕСКО, а потоа да се најде и во владина процедура за добивање согласност за доставување на предлогот до Комитетот за светско наследство заради оцена на тоа дали Маркови Кули претставува универзално наследство. Доколку Маркови Кули се најде на листата на светското наследство, Македонија ќе се закити со уште едно добро на листата на УНЕСКО покрај Охридско Езеро, кое е запишано во далечната 1979 година како природно добро, а од 1980 како природно и културно историско подрачје.
Васил Анастасовски, дипломиран географ