Одлуката на Румен Радев да се спротивстави на приклучувањето на Бугарија во договорената заедничка европска набавка на милион артилериски гранати за Украина, како и неговото одбивање да испрати оружје од советско производство за Киев, резултираше со етикетирање на бугарскиот претседател како „сојузник на Кремљ“ од страна на дел од бугарските медиуми.
Бугарскиот лидер, кој е поранешен воен пилот, го правдаше одбивањето за приклучување на Бугарија кон планот за заедничко обезбедување на муниција за Киев со нестабилната домашна политичка ситуација, во која преодната влада не е расположена да обезбеди воена помош за Украина, како и со определбата за „поддршка за дипломатските напори за постигнување мир“.
– Седумнаесет земји-членки на ЕУ го поддржуваат договорот за обезбедување артилериски гранати за Украина, а 10 земји не го поддржуваат. Бугарија не е меѓу земјите кои ќе нарачуваат муниција за Украина. Бугарија го поддржува европскиот механизам за градење мир – истакна Радев во Брисел.
Одредени бугарски медиуми неговите потези ги оценуваат како „играње по руски ноти“ и како уште една потврда дека Радев е „промосковски“ ориентиран.
Бугарскиот парламент моментно е распуштен во пресрет на петтите предвремени избори во изминатите две години, што се закажани за идниот викенд.
Бугарија има значителни залихи на оружје од советската ера кое би било од голема корист за украинските оружени сили во војната против Русија, со оглед на нивната обученост да ракуваат со таквото оружје.
Бугарското издание на „Еурактив“ неодамна објави истражување во кое се тврди дека бугарско оружје во вредност од повеќе милијарди долари влегло во Украина преку други земји во изминатите две години. Се наведува дека Украина и Бугарија немале меѓусебен директен договор за тоа, но оти сепак биле пронајдени начини бугарско оружје и муниција да бидат продавани во Украина.