Дополнителното затегнување на монетарната политика претставува континуитет во политиката на Народната банка, која ја започна уште од крајот на 2021 година. Народната банка смета дека со таквите мерки ќе влијае на подобрување на макроекономската слика, односно за намалување на високата двоцифрена инфлација
Централните банки продолжуваат со затегнување на монетарната политика
Народната банка на Македонија продолжува да води рестриктивната монетарна политика, бидејќи смета дека на таков начин ќе ги намали инфлаторните притисоци со кои се соочуваат македонските граѓани. На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, кој се одржа на 21 март, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи повторно да оди нагоре, имено да се зголеми за 0,25 п.п., до нивото од 5,50 отсто. Исто така се зголемија и каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите прекуноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,40 отсто и 3,45 отсто, соодветно.
Минатата недела и ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка за
половина процентен поен
Одлуката на Народната банка е последователна по минатонеделниот потег на Европската централна банка, која ја зголеми референтната каматна стапка за половина процентен поен. Ваквата политика претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, ја оправда со потребата да се „следи развојот на пазарот и да се заштитат ценовната стабилност и финансиската стабилност во еврозоната“.
Дополнителното затегнување на монетарната политика претставува континуитет во политиката на Народната банка, која ја започна уште од крајот на 2021 година, со цел да се влијае на подобрување на макроекономската слика на македонската економија, која беше соочена со голем број предизвици од појавата на здравствената криза со ковид-19, а која потоа продолжи во енергетска, за минатата година да кулминира со високата двоцифрена инфлација. Од април минатата година таа интервенира преку зголемување на каматните стапки.
Успеваат ли ваквите политики на ЕЦБ и на НБМ?
И покрај ваквата строга монетарна политика, стапката на инфлација во Македонија сѐ уште е на високо ниво. Во однос на најновите показатели, растот кај домашните цени и натаму има минимално забавување, а во февруари 2023 година се сведе на 16,7 отсто (17,1 отсто) во јануари. Забавувањето на годишната стапка на инфлација повеќе беше резултат на „намалување на енергетската и базичната компонента на инфлацијата“, додека намалувањето на цените на храната беше минимално и незабележително. Тоа ја принуди и Владата на Македонија да преземе неколку „фискални“ ограничувања при формирањето на малопродажните цени на основните прехранбени производи, како што се лебот, тестенините, јајцата, домашниот ориз… Очекувањата на монетарците се дека годишната стапка на инфлација ќе забавува во следните месеци. Забавување бележи и базичната инфлација, но таа и натаму е на повисоко нивo. Исто така, и покрај надолната патека, очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите и натаму се проследени со голема неизвесност. Притоа, и понатаму е нагласена високата неизвесност во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, при неизвесни економски ефекти од војната во Украина.
– Народната банка веќе една година го следи тоа што се случува со каматните стапки на Европската централна банка и една недела по нив објавува следна референтна каматна стапка. Токму објавената нова референтна каматна стапка е резултат на тоа што го направи минатата недела Европската централна банка. Финансиските пазари годинава стануваат многу турбулентни и релативно скапи. Начинот на финансирање на нашата земја со грантови и поволни кредити од ЕИБ и ЕБОР, програмите со ММФ и СБ и другите банки, како што беше КфВ, се само еден од аспектите што ги правиме во контекст на финансирањето на развојот со поволно финансирање. Токму тоа на некој начин е одговор на високите каматни стапки што ги утврдува Народната банка, која го прави тоа со цел да ги стабилизира очекувањата за порастот на цените што имаат влијание на динамиката на растот – изјави министерот за финансии Фатмир Бесими, кој дополни дека „фискална политика е во целосна координација со монетарната политика на дневна основа“.
Успешноста на монетарната и фискалната политика во Македонија треба да се гледа и низ призмата на домашната економска активност
Меѓутоа, за успешноста на монетарната и фискалната политика во Македонија треба да се гледа и низ призмата на домашната економска активност, а во четвртиот квартал од 2022 година реалниот раст на националниот БДП беше послаб. Во просек, за целата 2022 година, економијата бележи реален раст од 2,1 отсто, што е многу далеку од потребниот раст, кој според процените на експертите треба да е минимум трипати поголем. Податоците за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина.
Додека македонската експертска јавност е доста „неутрална“ во однос на толкувањата на монетарната политика на централната банка, странските аналитичари се многу критични во однос на потезите што се влечат од централните банки. Американскиот економист Нуриел Рубини јавно порача дека американскиот банкарски систем е во опасна позиција, а ФЕД не може да победи што и да прави со каматните стапки.
– Тоа е исклучително опасен момент, бидејќи сега има значителен стрес во некои делови на американскиот банкарски систем во време кога инфлацијата е сè уште превисока. ФЕД е растргнат помеѓу борбата против инфлацијата, што го прави со зголемување на каматните стапки или намалување на финансиската нестабилност, што може да го направи со олеснување на стапките. Зголемувањето на стапките може да предизвика поголема нестабилност со потресување на банкарскиот систем, но намалувањето на стапките како одговор на превирањата може да предизвика инфлацијата повторно да излезе од контрола, што ќе доведе до стагфлациска криза – рече главниот економист во интервју за ТВ Блумберг.