Петте македонски шахисти освоија вкупно 19 поени од можни 55 (34,5 отсто), а најдобар пласман оствари Антон Златков, 348-от, со 4,5 поени
ШАХ – ЗАВРШИ 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Рускиот велемајстор (ВМ) Алексеј Сарана (2.668 рејтинг-поени, рангиран 11-ти на ЕП) е новиот европски првак за 2023 година, со 8,5 поени (шест победи и пет ремија). Сарана (23), кој е ВМ од 2017 година, ја освои и наградата од 20.000 евра. Втор е Романецот Кирил Шевченко (2.688, рангиран 12-ти), а трет е 18-годишниот ВМ од Белгија Даниел Дарда (2.610, рангиран на 41-то место), и двајцата со по 8,5 поени, но Сарана е со најдобар дополнителен критериум. Во последното коло, Сарана и Шевченко по еден час игра ремизираа меѓу себе, додека Дарда го победи Украинецот Коробов (2.658, рангиран 18-ти, кој водеше до осмото коло) и им се придружи на водечките двајца. На ЕП најдобар млад шахист е прогласен Дарда, ветеран е Израелецот Борис Гелфанд (2.674, деветти) кој со 7,5 поени е 28-от, а шахистка Јоланта Завадска (2.391, 213-та) од Полска, која со 6,5 поени е 138-та. Ланскиот шампион, Германецот Матијас Блубаум не настапи.
Тоа е епилогот по 11-те кола на Европското првенство (ЕП) во Врњачка Бања (Србија), во конкуренција на 484 шахисти, од кои 40 шахистки (126 ВМ, четири ЖВМ, 103 ИМ, шест ЖИМ, 106 ФМ и девет ЖФМ) од 40 држави.
Петте Македонци (просечна возраст 25,4 год.) освоија вкупно 19 поени од можни 55 (34,5 отсто), а најдобар пласман има 16-годишниот Антон Златков (2.174 рејтинг-поени, рангиран на 357-то место на ЕП), кој со 4,5 поени е на 348-то место, односно девет места подобар пласман од стартниот. Ист број поени освои и искусниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Роберт Велески, кој е на 378-то место. Дино Табаковски е на 442-то место, со 3,5 поени и новоосвоени 84,4 р.п., Давид Николовски со 3,5 е на 445-то, додека Стојан Велкоски е на 449-то, со три поени, но и новоосвоени 66,4 р.п.
Македонските шахисти забележаа вкупно 15 победи (27,2 отсто), осум ремија (14,5 отсто) и загубија 32 партии (58,1 отсто) или вкупно освоија 19 поени од 55 можни (34,5 отсто). Поединечно, пак, најмногу победи впиша Златков (четири), ремија Велески (три), а порази Велкоски, Николовски и Табаковски (сите по седум). Според почетното рангирање во оваа силна конкуренција, повисок пласман од Македонците тешко можеше и да се очекува, но, сепак, сите напредуваа од стартната позиција, а најголем скок од 35 места направи Табаковски. Г.И.