Рускиот тенисер Данил Медведев му го нанесе првиот пораз нa светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ, во 2023 година, откако вечерва славеше во полуфиналето на турнирот во Дубаи.
Медведев победи со 2-0 во сетови (6-4, 6-4) по еден час и 35 минути игра.
Во првиот сет рамноправна борба се водеше само во првите четири гема, а потоа Медведев успеа да направи два брејка поведувајќи со 5-2, па ниту брејк во осмиот гем не беше доволен за Новак да направи пресврт.
Подобра беше игра на рускиот тенисер и во вториот сет, кога тој веднаш поведе со 2-0 и таа предност ја задржа до крајот на мечот.
Во борбата за трофејот во Дубаи, Медведев ќе се бори против сонародникот Андреј Рубљев, кој претходно во првото полуфинале го совлада Германецот Александар Зверев со 2-0 во сетови (6-3, 7-6).