Уставниот суд на денешната седница го укина членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, што значи дека функционерите кои си поднеле оставка или биле разрешени нема да можат да земат апанажа.
– Содржината на овој член е дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на апанажа – вели портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.
Овој член, според Судот нема уставна оправданост.
-Судот го зема во предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција, вели Беловска.
Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспоиви и затоа е одлучено да се укине оваа одредба, како спротивно на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав.
Иницијативата е поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга. Оспорени беа 7 члена од Законот, од 19-25, но Судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот.
Оваа одлукана Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе се објави во Службен весник.