Во Бугарија веќе почнуваат да се јавуваат првите никулци на едно современо бугарско поимање на историјата, фактографијата и на историските извори, но и слобода за историско толкување онака како што секоја нација сака да ги гради сопствените историски митови, но, се разбира, врз основа на респектирање и на туѓите митови и историски наративи
Нови интелектуални ветришта почнуваат
да дуваат од Бугарија
Сè повеќе млади бугарски интелектуалци ја напуштаат анахроната бугарска политика кон Македонија и се залагаат двете земји да ја продлабочуваат соработката на сите можни основи без никакво обременување со хипотеките од минатото и илузиите за создавање некакви големи држави.
Тие нови свежи интелектуални ветришта во Бугарија почнуваат сè посилно да дуваат откако стана јасно дека земјата не може да го следи чекорот напред со другите европски земји ако и натаму останува заложник на политики на кои не им е местото во модерниот демократски и цивилизиран свет.
Во време кога тензиите меѓу Македонија и Бугарија го достигнаа нивото двете соседни држави воопшто и да не можат да комуницираат, а што е уште полошо, дури и општествениот амбиент да биде целосно затруен од пропагандата наметната од официјална Софија, има бугарски интелектуалци што размислуваат трезвено и кои сметаат дека Бугарија треба да биде земјата што ќе ја турка Македонија напред во евроинтеграциите, а не таа што ќе ја блокира и ќе ја оддалечува од себе.
Ако историјата беше еден од клучните камења на сопнување меѓу Скопје и Софија, најмногу поради ригидниот бугарски став дека македонската историја е всушност бугарска, таму веќе почнуваат да се јавуваат првите никулци на едно современо бугарско поимање на историјата, во кое се остава слобода за историско толкување онака како што секоја нација сака да ги гради сопствените историски митови, но, се разбира, врз основа на респектирање и на туѓите митови и историски наративи. Затоа за нив условувањето на Македонија од страна на Бугарија е целосно беспредметно и бесмислено.
– Моето мислење е поинакво од она на бугарската страна, сметам дека впишувањето на Бугарите во македонскиот устав е апсолутно бесмислена работа. И со тоа и без него, Бугарија треба да дозволи преговори на С. Македонија со ЕУ – вели Димитар Атанасов од Институтот за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките. Тој е дел од помладата генерација бугарски историчари, кои заедно со македонски интелектуалци и странски дипломати неодамна седнаа на заедничка маса во обид да најдат формула за помирување меѓу Скопје и Софија, за смирување на тензиите и одблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија.
Анализирајќи ја генезата на проблемите што започнаа меѓу двете земји, бугарскиот етнолог и историчар прстот го вперува токму во Бугарија и тамошното раководство на чело со претседателот Румен Радев.
– За жал, ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна започна кампањата на провокации, Македонија одговори, што исто така не е во ред, но односите во моментов можеби се на дното. Од нас зависи дали ќе ги подобриме – потенцира Атанасов.
Според него, и од двете страни на границата има политички субјекти, партии и институции, на кои им е во интерес односите да бидат сѐ полоши.
– Мрежите на некогашните тајни служби не престануваат да ги влошуваат односите – истакна бугарскиот историчар.
Тој додава дека во недостиг од иницијативи и активности за нормализирање на бугарско-македонските односи се користат изборите како алиби, што, според него, е погрешен потег.
– Ако на изборите на 2 април се избере стабилна влада, тоа ќе биде изненадување и за нас Бугарите. Но тоа не значи дека државата треба да застане и сите меѓународни односи треба да бидат ставени на пауза затоа што некој не е во состојба да направи влада. Ние треба да продолжиме да работиме и тоа нема алтернатива. Неколкупати и македонската страна се правдаше со избори, бугарската исто така го користи тој аргумент, кој е глупав – појаснува Атанасов.
За него Европската Унија направила колку што можела во смирувањето на тензиите, но дека македонското и бугарското општество се тие што треба да покажат зрелост и да ги надминат недоразбирањата.
– Ние треба да покажеме дека во двете општества постои неопходната зрелост за да се разбереме и од тука понатаму да почнеме одново да се зближуваме затоа што сме најблиски на Балканот – објаснува Атанасов.
Еден од оние што постојано се спротивставува на политиките на бугарскиот државен врв е и историчарот Стефан Дечев, кој смета дека Бугарија мора да престане со арогантниот однос на непризнавање на македонскиот јазик и идентитет. С.Т.