Поминувањето квалитетно време со сопственото дете е поважно од која било воннаставна активност. Ништо не може да ги замени искрената насмевка, гушкањето, топлиот збор и моментите поминати заедно

Квалитетно поминатото заедничко време е темел на функционалното семејство

Колку активности се доволни за едно дете и дали претеруваат родителите што во текот на една недела ги разнесуваат учениците на куп активности? Странски јазици, спорт, музика, курсеви за поттикнување на развојот, компјутерски вештини, танц се само дел од широката понуда на воннаставни активности за децата. Поминувањето квалитетно време со сопственото дете е поважно од која било активност, според м-р Адмир Косоврасти, психотерапевт, специјализант по медицинска психологија.
– Ништо не може да ги замени искрената насмевка, гушкањето, топлиот збор и моментите поминати заедно. Прекумерната амбициозност на родителите до голем степен го загрозува детството. Додека едни деца слободно играат со топка надвор, други „мораат“ да свират виолина, клавир, гитара, да учат странски јазици, компјутерско програмирање и на поминување да гледаат како нивните врсници се забавуваат и трчаат во паркот. Ваквите ситуации дејствуваат исклучително обесхрабрувачки за децата, а може да се манифестираат и симптоми на депресија и асоцијалност – вели Косоврасти.
Секој родител го сака најдоброто за своето дете, особено кога е во прашање образованието. Но психологот советува дека секогаш треба да се запрашаме колку способности поседува нашето дете и какви.
– Точно е дека детето учи ако е стимулирано, но понекогаш од прекумерна стимулација може да произлезе разочарување кај родителите што не се задоволни од резултатите, а тоа да се рефлектира врз детето, па влијае врз релацијата родител – дете – смета Косоврасти.
Тој истакнува дека секој родител треба да се труди да го поттикне своето дете да научи што е можно повеќе, но во исто време треба да биде свесен за капацитетот на детето, бидејќи невозможно е секое дете да биде генијалец.

– Морам да забележам дека има амбициозни родители, кои својот воспитно-образовен став не го засноваат на задоволување на потребите на децата, туку на сопствените. Тоа се родителите што под притисок на сопствените фрустрации, незадоволства и комплекси едноставно бараат од своите деца одредени однесувања и активности што не се во согласност со нивниот избор, желби интерес и можности. Во тие ситуации детето е под голем стрес. Настанува конфликт помеѓу неговите желби и потребата да му угоди на родителот – вели психотерапевтот.
Според Косоврасти, сосема е во ред родителите да му понудат на своето дете различни активности во согласност со нивните можности и сосема е во ред детето да талка и често да ги менува своите желби и интереси додека расте, кои произлегуваат од опкружувањето и желбите и активностите на неговите најдобри другари, актуелните трендови…
– Кога родителите ќе забележат дека нивното дете е талентирано за некој спорт, музика, сликарство, глума и дека навистина сака да го направи тоа, тие треба, во согласност со своите можности, да го поддржат и да му овозможат да го постигне тоа, но, секако, не по секоја цена. Но, за жал, има и такви родители што навистина одат предалеку и едноставно ги туркаат своите деца на некои активности, како популарни спортови, естрадни шоуа, разни натпревари, без воопшто да ги прашаат дали го сакаат и дали го можат тоа – додава Косоврасти.
Психотерапевтот истакнува дека во последните години често го слушаме терминот „хиперактивно дете“, додека за хиперактивни родители ретко се зборува.

– Премногу амбициозните родители што инсистираат нивното дете да посетува поголем број воннаставни активности прават неколку грешки во исто време: го уморуваат детето, ја намалуваат можноста да поминуваат квалитетно време заедно, што влијае и на целата нивна врска и многупати несвесно создаваат одбивност и нетрпеливост. Нивната улога како родители честопати е како улога на таксист, преземајќи го детето од една воннаставна активност до друга. Овој тип родители сметаат дека тоа е најдоброто што можат да направат за своето дете, иако можеби детето би избрало да седи дома и да чита книга или заедно да гледаат цртан филм – анализира психотерапевтот Косоврасти.
Соочувајќи се секојдневно со вакви и слични ситуации и согледувајќи ги позитивните и негативните постапки на амбициозните, помалку амбициозните и неамбициозните родители, психологот потсетува дека никогаш не смееме да заборавиме дека децата се само деца и дека треба да им овозможиме безгрижно детство, со што повеќе игра.
– Не оптоварувајте го вашето дете со амбиции од вашето детство. Секое дете има свои интереси, потреби, желби и обврска да се приспособи на своето време, а не на вашето. Воздржете се од претерано оптоварување надвор од училиштето, бидејќи училиштето, само по себе, за повеќето деца веќе претставува товар. Исто така, не запишувајте го вашето дете на никакви активности пред пет и пол години. Никогаш не смееме да заборавиме дека децата се само деца и дека треба да им овозможиме безгрижно детство, со што повеќе игра. Да ги оставиме децата спонтано да растат – апелира психологот.