Никола Ѓурѓај е еден од најангажираните активисти за подобрување и остварување на малцинските права на Македонците во Република Албанија. Тој е политички аналитичар и главен уредник на единствениот печатен медиум на македонски јазик во Албанија, весникот „Илинден“, но и претседател на македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана, кое постои од 2009 година и кое има разграноци и во Голо Брдо. Со Ѓурѓај разговаравме за проблемите со кои се соочуваат Македонците во соседна Албанија, но и за тоа какви чекори се преземаат за нивно надминување

ИНТЕРВЈУ СО НИКОЛА ЃУРЃАЈ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНСКОТО ДРУШТВО „ИЛИНДЕН“-ТИРАНА

Годинава се навршуваат четиринаесет години од формирањето на македонското друштво „Илинден“-Тирана. Kако дојдовте на идејата за формирање на друштвото и што е неговата цел?
– Идејата за формирање на македонското друштво „Илинден“-Тирана дојде од неколкумина млади Македонци, а целта беше поинакво дејствување од дотогаш практикуваното, за заштита и афирмација на македонското национално малцинство во Република Албанија. Еве, 14 години од формирањето, „Илинден“ се бори за заштита на правата на Македонците во Република Албанија, но и за афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на Македонците во Република Албанија. Во изминатите четиринаесет години како претседател, заедно со моите соработници, имав можност да остварам голем број работни и официјални средби со приватни, политички и општествени фактори. Се среќававме и соработувавме со владини и невладини институции како во Република Албанија, така и во матичната држава Македонија. Не помалку активно работевме на развивање соработка со меѓународни организации. При сите средби со претставниците на државните институции во Албанија, во матичната држава Македонија и во европските институции ја користевме секоја пригода да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност им искажувам на сите државни институции во Албанија, Македонија и низ светот.
Сметам дека е потребно да истакнам дека македонското друштво „Илинден“- Тирана е првото друштво од Република Албанија формирано од малцинствата и од сите македонски друштва низ Европа, кое е рамноправен член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година и е дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципиент во ФУЕН, членови на друштвото досега учествуваа на сите конгреси и поднесуваа резолуции, што придонесува „Илинден“-Тирана да биде силен глас на македонското национално малцинство од Албанија. Во ова пригода сакам да упатам посебна благодарност до сите што помогнаа во неговиот 14-годишен растеж.

Како што рековте, македонското друштво „Илинден“-Тирана е член ФУЕН. Зошто решивте да членувате во оваа меѓународна организација?
– Ние сме примени за рамноправен член на ФУЕН на конгресот што се одржа на 15.5.2015 година во Комотини, Грција, и сме дел од Работната група на словенските малцинства при Унијата. Тој состанок беше во организација на Федерацијата на западнотракиски Турци во Европа, потоа Здружението на дипломирани студенти на Западна Тракија и Партијата за пријателство, еднаквост, мир. Ние решивме да станеме член бидејќи ФУЕН е една од најголемите организации во Европа што ги штитат националните и автохтоните малцинства во државите низ Европа. На сите конгреси македонското друштво „Илинден“-Тирана поднесува резолуции, чија содржина и намера се подобрување на животот на Македонците во Албанија, и сите се усвојувани од страна на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Истите тие се пратени до сите меѓународни институции што се поврзани со малцинските проблеми, како и во државните институции во Република Албанија и меѓународни институции. Во функција на рамноправен член во ФУЕН и како дел од Работната група на словенските малцинства во Европа, активно го отвораме прашањето за Македонците во Албанија на меѓународната сцена. Во оваа пригода упатуваме искрена благодарност до Федералната унија на европските националности за соработката и разбирањето покажано за интересите на македонското малцинство во Република Албанија.

Каква е положбата на македонското малцинство во Албанија, со кои проблеми се соочува?
– Секогаш постојат проблеми, почнувајќи од економски, социјални и серија други проблеми. Слободно можеме да кажеме дека за Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето право на образование на македонски мајчин јазик во областите Голо Брдо и Гора, како и во поголемите градови, како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Мала Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование. Уште еден хендикеп за македонските ученици е тоа што во Тирана не функционира лекторатот по македонски јазик, кој беше еден вид замена за високо образование на младите Македонци во Република Албанија. Воочувајќи го ова како голем проблем за Македонците во Албанија, поднесовме иницијатива за реактивирање на лекторатот по македонски јазик во Тирана.
Друг голем проблем за Македонците во Голо Брдо е работното време на граничниот премин Џепиште – Требиште, кој беше отворен во мај 2013 година. Владите на Република Македонија и на Република Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец, на 15 декември 2017 година, донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа. И покрај тоа, оттогаш до денес преминот не работи 24 часа, туку со редуцирано работно време. Во неколку наврати, ние како друштво баравме овој граничен премин да работи 24 часа заради потребите на граѓаните од двете страни на границата, но досега нема позитивно решение за проблемот. Покрај тоа, голем проблем за Македонците во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа претставува патната инфраструктура, што е главна причина за слабиот економски развој на овие области населени со македонско население. Во катастрофална состојба е и здравствената заштита во населените места, бидејќи или нема објекти за таа намена или се во исклучително лоша состојба.
Македонците од областа Голо Брдо имаат големи проблеми поради тоа што во 2014 година Владата на Република Албанија ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, за првите две да ги приклучи кон општината Булќиза. Укинати се и општините Шиштевац и Запот во областа Гора, кои сега се приклучени кон општината Кукс. На тој начин, единствена македонска општина во Република Албанија остана општината Пустец во областа Преспа. И покрај сите барања и аргументи на претставниците на македонската заедница во укинатите општини во 2014 година, индивидуални или преку македонското друштво „Илинден“-Тирана и македонското друштво „Илинден“-разгранок Голо Брдо за формирање на општините Голо Брдо и Гора, Владата на Република Албанија се оглуши.

Зошто беа укинати овие општини и како се одразува тоа врз македонското малцинство?
– По девет години од реформата на територијалната организација на локалната самоуправа, областите Голо Брдо и Гора, каде што живеат Македонци, останаа неразвиени, а услугите од државната администрација и локалната самоуправа отежнати. Македонците во областите Голо Брдо и Гора укинувањето на општините го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Република Албанија. Македонското друштво „Илинден“-Тирана и македонското друштво „Илинден“-разгранок Голо Брдо повторно го актуализираат барањето од пред 2014 година, Владата да предложи измени и дополнувања на Законот за општините со формирање две општини: општина Голо Брдо и општина Гора. Ние сметаме дека градоначалниците не треба да бидат именувани од Владата туку избрани на избори од граѓаните, заради нивната доверба во системот и непосредно решавање на локалните проблеми. Зад ваквото барање стои потписот од претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, како и претседателот на разгранокот за Голо Брдо, Фатри Фетаху.

Бугарија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, Република Албанија, и во Република Косово. Каков е вашиот став?
– Во Албанија нема Бугари, тоа е историски факт од кој нема бегање, а тоа е и нашиот став. Јасен и видлив е напорот на Софија да создаде вештачко бугарско малцинство, преку асимилација на Македонците во Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник. Бугарија се обидува на сите можни начини да изврши тивка асимилација на македонското национално малцинство во Република Албанија. Тоа се врши на многу нивоа и преку многу институции. Јадрото на сите антимакедонски дејствувања и замајувањето на меѓународната јавност за Бугари во Албанија е бугарската амбасада во Тирана. Оттаму се инструираат бугарски платеници и македонски изроди, преку кои во континуитет се реализира антимакедонска кампања во Република Албанија. Начините се многубројни и секогаш вклучуваат голема сума материјални средства или ветувања за експресно давање бугарски пасоши. Тие пасоши Македонците ги гледаат како пасош за спас од немаштијата во Албанија и ништо повеќе. Но очигледно е дека поради последните тензии на Македонија и Бугарија, поради блокадите на Софија за спречување на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, кампањата се зголемува и добива интензитет. Софија постојано работи Македонците во Албанија да ги прикаже како Бугари. Но Софија мора да знае дека Македонците во Република Албанија се само Македонци, бидејќи Бугари во Република Албанија никогаш не постоеле.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана го изразува своето жалење затоа што официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, Република Албанија, и во Република Косово, обидувајќи се да ги претстави како Бугари. Македонското друштво „Илинден“-Тирана многупати досега се залагаше за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ!
Македонското друштво „Илинден“-Тирана апелира Владата на Република Косово да преземе сериозни мерки во грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Косово и да не дозволи признавање на непостојно бугарското малцинство во Република Косово. Македонското друштво „Илинден“-Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонската нација е историски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за вашите активности за отворање лекторат по македонски јазик во Тирана, како и за сличните активности?
– Македонско друштво „Илинден“-Тирана од формирањето се залага за континуирана работа на лекторат по македонски јазик, но и за реализирање на дамнешната идеја за лекторатот да прерасне во катедра по македонски јазик. Наместо тоа, за жал, лекторатот беше затворен пред десет години, така што во моментов го нема ниту тој начин за образование на заинтересираните Македонци од Албанија. Според реакциите што стигнуваат до нашето друштво, лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е повеќе од потребен, не само поради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонско национално малцинство.
Како што е познато, македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата во Република Албанија и нејзиниот интерес да го изучува македонскиот јазик е несомнен. Овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина. Со ваквиот наш став, како македонско друштво „Илинден“-Тирана се обративме до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во нашиот допис од 28.11.2022 година, покрај другото, доставивме и официјално барање за реактивирање на лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана.
Во оваа пригода, како македонско друштво „Илинден“-Тирана, ѝ се заблагодаруваме на директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која изрази подготвеност и решеност за остварување на барањето од голем интерес за македонското национално малцинство во Република Албанија. За жал, на Универзитетот во Тирана воопшто не се изучува македонистиката, додека со работата на лекторатот би се отвориле перспективи за заеднички научноистражувачки проекти, но и за нови активности во областа на културата што ќе овозможат нови перспективи меѓу двата народа.