Шведската воена разузнавачка и безбедносна служба со јасна порака до јавноста
Првите луѓе на шведската воена разузнавачка и безбедносна служба МУСТ (Militära underrättelse-och säkerhetstjänsten) деновиве презентираа интересни согледувања на актуелните состојби во светот и во регионот, што, разбирливо, беше проследено со големо внимание во локалната јавност. Она што се проследи со посебен интерес беше изјавата дека „Русија претставува јасна воена закана во непосредната област на Шведска, но нејзините сили се главно поврзани со војната во Украина“.
– Европскиот безбедносен поредок каков што го знаеме престана да постои, а со тоа се зголемија и ризиците за шведската безбедност – рече на прес-конференција Лена Халин, шефицата на МУСТ.
Шефицата на МУСТ, Халин, исто така, рече дека разузнавачката служба очекува „Русија да ги зголеми своите воени капацитети во регионите во близината на границата со Шведска, како одговор на кандидатурите на Шведска и Финска за членство во НАТО“. Во врска со овој нареден потег на Москва, шефицата на МУСТ не даде ниту рокови ниту временски рамки за реализација.
Според нејзините процени, Русија во моментов сака да избегне оружен конфликт со НАТО, но прашање е какви ризици е подготвена да преземе во иднина.
– Постои голема неизвесност, главно поради подготвеноста на руското раководство да преземе големи ризици. Високото ниво на тензија ја зголемува шансата некаков непосакуван инцидент или погрешна процена да доведе до конфликт – рече Халин.
Ацо Каланоски, специјално за „Нова Македонија“ од Шведска