Блумберг денеска објави дека една година откако прогласи неограничено партнерство со Русија, Кина сега се обидува да го убеди светот дека е неутрален актер кој може да помогне да се стави крај на војната во Украина.
Агенцијата во својата најнова анализа наведува дека кинескиот државен советник Ванг Ји во следните денови треба да ја посети Москва за да го претстави новиот мировен предлог за прекин на конфликтот што го почна рускиот претседател Владимир Путин.
САД ги отфрлија напорите на Пекинг, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја обвини Кина дека тајно размислува дали да испрати оружје во Русија, истакнувајќи дека тие „сè уште не ја преминале таа линија“.
Блумберг објави дека за време на вчерашниот „вербален спаринг“ за време на безбедносниот форум во Минхен, Ванг и Блинкен не успеале да се договорат за многу нешта, што покажува дека проблемите меѓу најголемите светски економии се многу подлабоки од наводниот шпионски балон што ги потресе односите овој месец, па сега војната во Украина станува клучно прашање за двете страни во обликувањето на глобалните наративи.
Вишиот соработник на Факултетот за меѓународни студии Раџаратам и коавтор на книгата за кинеската надворешна политика, Рафаело Пантучи, вели дека „не се сомнева во желбата на Пекинг да има мир“, но, истовремено, предлогот изгледа неверојатно.
-За да биде кредибилна Кина треба да се гледа како независен актер, но таа јасно избра страна во овој конфликт – рече Пантучи.
Кинескиот претседател Си Џинпинг допрва треба да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, првпат по руската инвазија, и покрај тоа што оттогаш дури четири пати разговараше со Путин, а Пекинг постојано бранеше некои од причините на Русија за влегување во војната, пред се за да се спротивстави на ширењето на НАТО, цело време инсистирајќи дека не ја поддржува самата инвазија.
Иако Кина не објави детали за мировниот план, Ванг вели дека предлогот ќе вклучува повици за почитување на територијалниот интегритет, заштита на нуклеарните капацитети и противење на употребата на биохемиско оружје, што веднаш наиде на одреден скептицизам на теренот, а германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека повлекувањето на руските трупи од Украина мора да биде услов за секој мировен договор.