Норвешките разузнавачки агенции ја гледаат Русија како главна безбедносна закана за својата земја, за Скандинавија и за остатокот од Европа. Норвешката влада доби годишни процени од страна на трите безбедносни служби во земјата: домашни и странски разузнавачки агенции и Управата за национална безбедност на Норвешка (НСМ). Сите го вперуваат прстот кон Москва, но и кон Пекинг како на закана. На што се должат нивните процени и дали тие процени се реални?

Процена на норвешкото разузнавање објавена официјално во јавноста

Министерот за одбрана на нордиската држава изјави дека норвешките разузнавачки агенции ја гледаат Русија како главна безбедносна закана за земјата и за остатокот од Европа.
– Русија денес претставува најголема закана за норвешката и европската безбедност, а конфликтот со Западот ќе биде долготраен – рече Бјорн Арилд Грам.
Забелешките на Грам дојдоа откако норвешката влада доби годишни процени за закани од трите безбедносни служби во земјата: домашни и странски разузнавачки агенции и Управата за национална безбедност на Норвешка (НСМ).
Русија ќе стане „поавторитарна и помилитаризирана“ во наредните години, најавија норвешките разузнавачки служби, тврдејќи дека војната во Украина е „катастрофа“ за самата Русија.
– Нема враќање назад – рече Ларс Нордрум, втор човек на норвешката разузнавачка служба, додека ја презентираше годишната процена на ризикот за Норвешка, членка на НАТО што граничи со Русија.
Според Нордрум, руските интереси нема да бидат компатибилни со интересите на Западот. Годишната процена на ризикот, прва по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година исто така, како и досега, заклучи дека Русија и Кина се главните закани за безбедноста и интересите на Норвешка.
Нордрум рече дека војната е „катастрофа за Русија“, наведувајќи ги ефектите од трговските санкции на Западот, меѓународната изолација на Москва и „повеќе од 100.000 руски војници… убиени или повредени“ во Украина. Конфликтот, како што рече тој, ја зголеми геополитичката важност на Норвешка, меѓу другото, бидејќи ја направи водечки снабдувач на гас на европскиот континент. – Европските земји ќе зависат од снабдувањето со енергија од Норвешка многу години – рече Нордрум, пренесе АФП.
Заменик-шефот на норвешкото разузнавање Ларс Нордрум рече дека норвешките нафтени и гасни постројки би можеле да бидат цел на руска саботажа. Водачот на НСМ, Софи Нистром, предупреди дека „ќе страда цела Европа“ доколку бидат погодени норвешките гасни и нафтени постројки.
– Палењето на Куранот може да се смета за навредливо или провокативно и очекуваме такви настани да се случат во 2023 година и во Норвешка – рече Беате Гангас, шеф на домашната безбедносна служба, позната по кратенката ПСТ.
Кога такви настани ќе се случат во Норвешка, се зголемува веројатноста за радикализација и евентуално терористички акции против Норвешка.

Ацо Каланоски, специјално за „Нова Македонија“ од Шведска