Сезонава ќе има рекорден број трки, вкупно 23. Денешниот календар на Ф1 во голема мера се разликува од оној за првата година на светскиот шампионат, во 1950 година, кога имаше седум трки, а од оригиналните места користени тогаш, Силверстон, Монако, Спа и Монца се четирите што уште се во календарот
ВО 74-ТА СЕЗОНА НА ФОРМУЛА 1
Сезоната број 74 во Формула 1 (Ф1), која почнува на 5 март, ќе биде рекордна, со најголем број трки досега во една сезона, вкупно 23. Во календарот по 41 година се враќа трка во Лас Вегас (претпоследна сезонава, на 18 ноември), а по исто толку години во една сезона ќе има три трки во САД (уште и во Мајами на 7 мај и во Остин на 22 октомври).
Шампионатот треба да почне со трката во Бахреин на 5 март, а да заврши во Абу Даби на 26 ноември. Вкупно 20 земји и пет континенти се вклучени на списокот со трки за сезонава, избор што им нуди на возачите и на гледачите многу разновидност во текот на сезоната, пишува Формула 1 на својата интернет-страница.
Традиционално, трките во Формула 1 беа планирани со ритам од трка еден викенд, потоа пауза во следниот викенд, но проширувањето на календарот за годинава предизвикано од постојаното зголемување на популарноста на спортот, доведе до трки во два, а во некои случаи и во три викенди едноподруго.
Така, има двапати по три трки во низа, и тоа од 21 мај до 4 јуни, во Имола, Монте Карло и во Барселона, како и од 22 октомври до 5 ноември во Остин, Мексико Сити и во Сао Паоло. Има и шест двојни викенди, и тоа на 30 април и 7 мај во Баку и во Мајами, на 2 и 9 јули во Спилберг и во Силверстоун, на 23 и 30 јули во Будимпешта и во Спа, на 27 август и 3 септември во Зандворт и во Монца, на 17 и 24 септември во Марина Беј и Сузука, како и на 18 и 26 ноември во Лас Вегас и Јас Марина.
Денешниот календар на Ф1 во голема мера се разликува од оној за првата година на светскиот шампионат, во 1950 година. Тогаш имаше само седум трки и тие беа распоредени од мај до септември, со шест трки во Европа и една во САД, во Индијанаполис, која повеќето редовни возачи на Ф1 ја прескокнаа, пишува Ф1.
Новите европски места постепено пристигнуваа во календарот кога Ф1 се етаблира, а првиот настан надвор од Европа, освен во Индијанаполис, дојде во 1953 година, кога тимовите првпат се упатија кон Јужна Америка (Аргентина). Оттогаш, спортот се прошири во Северна Америка, Азија, Австралија и на Блискиот Исток, а трки се одржуваа и во Африка.
Од оригиналните места користени за трки во 1950 година, Силверстон, Монако, Спа-Франкоршамп и Монца се четирите што уште се во календарот, иако со неколку значајни промени на патеките и промени засновани на безбедноста што се направени со текот на годините. Н.М.