Во 74-та сезона на Формула 1, возачите се тркаат за повеќе рекорди, како тие за најмногу титули, поени и подиуми во една сезона, победи и пол-позиции на една трка, пол-позиции без титула, сезони со старт на трка, завршени трки…

ФОРМУЛА 1

Возачите напорно работат на тренинзите за сезоната што претстои, инженерите ги средуваат завршните работи на болидите, а Формула 1 го брише правот од книгите на рекорди за да види кои би можеле да бидат соборени годинава, пишува Формула 1 на својата интернет-страница. Макс Ферстапен триумфира минатата сезона, постигнувајќи рекордни 15 победи и освои 454 поени на патот кон втората титула. Но има многу рекорди за соборување додека се наближува почетокот на сезоната, 74-та по ред.
– Најмногу титули. Михаел Шумахер и Луис Хамилтон имаат по седум титули, на Хамилтон му треба уште еден трофеј за да постави нов рекорд. Тој дојде до триумф неверојатно блиску во 2021 година, но дали може да стигне до осмата титула во 2023 година?
– Најмногу хет-трика во кариерата. Во оваа категорија спаѓаат победа, пол-позиција и најбрз круг на иста трка. Шумахер е тој што го држи рекордот со 22 вакви победи во неговата блескава кариера. Хамилтон, од друга страна, моментно има 19.
– Најмногу гранслемови во кариерата. Гранслем е кога возачот ја зазема пол-позицијата, победува, го има најбрзиот круг и води во секој круг во таа трка. Џим Кларк го држи рекордот со осум во текот на неговата кариера. Хамилтон има шест пред почетокот на сезонава.
– Најмногу поени во една сезона. Ферстапен го постави овој рекорд со 454 поени од 596 можни во 2022 година, но со 23 трки сезонава, плус шест спринт-трки, на располагање се 646 поени во 2023 година, така што со слична доминација тој би можел да го засени сопствениот рекорд. Или некој друг ќе го собори тој рекорд?
– Најмногу подиуми во една сезона. Ферстапен го собори овој рекорд уште во 2021 година кога стигна до 18 места на подиумот на патот до првата титула, но со 23 трки годинава дали тој, или некој негов ривал, ќе го зголеми овој рекорд?
– Најмногу последователни трки во водство во шампионатот. Шумахер го држи овој рекорд, откако го предводеше шампионатот од трката во САД во 2000 година до трката во Јапонија во 2002 година, на 37 последователни трки. Ферстапен водеше во шампионатот на 17 последователни трки и ќе треба да го преземе водството во Бахреин и да го задржи до по трката во Сао Паоло годинава за да го собори овој рекорд.

– Најмногу победи на иста патека. Шумахер го држи овој рекорд со осум победи за големата награда на Франција. Хамилтон има осум победи во Велика Британија и во Унгарија и му треба уште една во двете места за да постави нов рекорд.
– Најмногу пол-позиции на една трка. Аиртон Сена и Шумахер го делат овој рекорд, Сена има осум пол-позиции во Сан Марино, а Шумахер осум во Јапонија. Хамилтон, исто така, има осум, а ќе му треба пол-позиција во Австралија или во Унгарија за да го собори овој рекорд.
– Најмногу заеднички подиуми. Себастијан Фетел и Хамилтон го делеле подиумот 56 пати во текот на нивните кариери. Хамилтон и Ферстапен, пак, го делеле подиумот 53 пати, како и Хамилтон и Валтери Ботас.
– Најмногу пол-позиции без титула. Ова е рекорд на Ботас, бидејќи финскиот возач освои 20 пол-позиции во кариерата без да ја освои титулата. Шарл Леклер има 18 пол-позиции, девет во 2022 година, и ако освои уште три и не успее да го освои шампионатот, овој несакан рекорд ќе биде негов.
– Најмногу сезони со старт на трка. Фернандо Алонсо (41) е највозрасниот возач во Формула 1 годинава и Шпанецот е во многу ексклузивен клуб. Само тој, Рубенс Барикело, Шумахер и Кими Раиконен почнаа трки во 19 различни сезони. Алонсо треба да го собори овој рекорд на трката во Бахреин.
– Најмногу завршени трки. Рекорд што е речиси трка сам по себе, бидејќи Алонсо го држи рекордот со 281 завршница на Ф1-трка. Хамилтон, пак, има 280 завршници.
– Најмногу трки пред првата победа во кариерата. Серхио Перез го држи овој рекорд, бидејќи му беа потребни 190 старта пред да победи на патеката Сахир во 2020 година. Но Нико Хулкенберг се врати на Ф1, а германскиот возач досега почна 181 трка, што значи дека е 10 трки оддалечен од рекордот на Перез.
– Најмногу поени без победа. Овој рекорд го држи Хулкенберг со 521 поен во кариерата, но Ландо Норис досега освои 428 поени. Норис ќе треба да освои најмалку 94 поени без победа за да го собори овој рекорд, иако тоа зависи од тоа и колку поени ќе освои и Хулкенберг годинава. Н.М.