Тимот дизајнери што работеа на ЛОИ 1964 направија многу за да го обликуваат системот на вињети што го знаеме денес. „Тие ги намалија облиците и големините на минимум потребен за да се разбере пораката. ЛОИ 1964 имаше брилијантни дизајнери, кои знаеја што сакаат да направат и направија фантастична работа. Се случи нова и важна промена за Игрите во Лилехамер во 1994 година, каде што првпат пиктографите раскажуваа приказна и првпат наследството на една земја беше инкорпорирано во графичкиот дизајн, вели Остервалдер, генерален секретар на Меѓународното друштво на олимписките историчари

Маркус Остервалдер е генерален секретар на Меѓународното друштво на олимписки историчари, специјализиран за графички и генерален дизајн на секое издание на олимписките игри. Заедно со него Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ја разгледа историјата на спортските пиктографи (вињети), кои, како што ни вели, не почнале на Летните олимписки игри во Токио во 1964 година, туку многу порано од тоа, пишува ИОК на својата интернет-страница.
– Почнав да се интересирам за олимпискиот графички дизајн, чиј дел се и пиктографите, во раните 1990-ти, кога почнав да студирам во швајцарско училиште за графички уметности. Во Олимписката библиотека во Лозана ја видов книгата за дизајнот на Игрите во Лилехамер во 1994 година. Тоа ме инспирира и ми раскажа фантастична приказна за тоа што може да биде графичкиот дизајн. Не само од функционална гледна точка туку многу повеќе затоа што е дел од наследството на една земја, претставува нација, визија, филозофија. Потоа, навистина почнав да истражувам, а продолжив досега – вели Остервалдер.
Општо е прифатено дека пиктографите на олимписките игри навистина првпат биле воведени во 1964 година, во Токио. Но Остервалдер објаснува попрецизно.
– Создавањето симболи што не се букви, туку графички илустрации што секој може да ги разбере оди многу подалеку од тоа. Најдов мали пиктографи што беа на Игрите во Стокхолм во 1912 година, Париз во 1924 година и други Игри потоа, но тие не го понудија тој многу едноставен и јасен поглед што го знаеме денес. Тие беа комплицирани илустрации, но не и вербални елементи, кои опишуваат спорт, уметнички натпревари или други работи. На пример, за уметничките натпревари во Париз во 1924 година имаше симбол, илустрација, што може да се смета за пиктограф – вели тој.
Сепак, тимот дизајнери што работеа на ЛОИ 1964 направија многу за да го обликуваат системот што го знаеме денес.
– Тие ги намалија облиците и големините на минимум потребен за да се разбере пораката. Земете го амблемот на овие Игри, на пример. Толку е едноставно, ако се обидете да отстраните кој било дел од него, повеќе нема да функционира. Тие измислија многу едноставен нов јазик и сосема нова форма на графички дизајн. Првпат ја искористија спортската фотографија, а како графички елемент типографското единство. Тоа никогаш порано не се случило. ЛОИ 1964 имаше брилијантни дизајнери, кои знаеја што сакаат да направат и направија фантастична работа – вели Остервалдер, пренесува ИОК.
Остервалдер забележува дека потоа немало големи промени.
– Сите изгледаа слично. Имаше некои разлики во стилот, при што некои беа поразбирливи од другите, но тоа беше истата филозофија. Најважната еволуција дојде во 1990-тите. Албервил и Барселона за зимските, односно за летните олимписки игри во 1992 година смислија свои пиктографи користејќи ја техниката на сликање со четка. И тие потоа станаа составен дел од генералниот дизајн. Се случи нова и важна промена за Игрите во Лилехамер во 1994 година, каде што првпат пиктографите раскажуваа приказна. Тие беа засновани на познатата карпа стара 4.000 години пронајдена во пештера (претставува човек на скии). Првпат наследството на една земја беше инкорпорирано во графичкиот дизајн, нешто што ѝ припаѓаше на Норвешка и беше поврзано со зимата или со зимските спортови. Таму пиктографите почнаа да раскажуваат приказна. Првата употреба на пиктографите беше да им се даде на луѓето порака, без да мора да читаат ништо. Да се оди на различните места на Игрите, и да кажете, тука е прес-салата, има такво и такво место, сала, стадион итн. Сите овие пиктографи за знаци и спортови се водичи за игрите. Без нив, само замислете колку јазици ќе треба да користите за сите да разберат. Пиктографите ги прават работите многу поедноставни. Уште подобро е ако тие ви дадат поим за вкусот на Игрите, нивното наследство, нивниот изглед и друго, а ако можете да ги користите и за трговска размена. Во Лилехамер, на пример, тие произведоа илјадници маици и предмети со пиктографи, а луѓето ги сакаа. Ако пиктографите не се добри, нема да продадете ништо. Во такви случаи, тие се можеби симболи што им овозможуваат на луѓето да разберат дека спортот е кошарка или едрење, но ништо повеќе од тоа. Згора на тоа, оние од 1960-тите до 1980-тите беа чисто информативни, ништо повеќе. И тогаш тоа се промени. Тие станаа дел од наследството, изгледот на игрите и комерцијалната програма – вели Остервалдер. Н.М.


За ЛОИ 2024 вињетите се впечатливи грбови

Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година, повторно го измислија концептот на олимписки и параолимписки пиктографи (вињети), издигнувајќи ги од обични визуелни помагала во впечатливи грбови што служат како повик за љубителите на спортот, пишува на официјалната интернет-страница на ЛОИ 2024.
Вкупно 62-та пиктографа за Олимписките и за Параолимписките игри во Париз ги симболизираат не само различните спортови туку и гордоста, вредностите и големото и разновидно семејство. Тие ќе се појавуваат насекаде каде што се одржуваат Игрите, за да ги водат гледачите.
Откако првпат се појавија пред повеќе од половина век, пиктографите на олимписките игри повеќе не се само едноставни и генерализирани слики за ознаки, бидејќи целиот концепт е повторно измислен за Париз 2024. Новооткриените пиктографи го илустрираат секој од олимписките и параолимписките спортови со уникатен грб, оддавајќи почит на сложеноста на секој од овие спортови и она што ги прави оригинални (секоја вињета е составена од три графички елементи: оска на симетрија, приказ на теренот и приказ на спортот што го илустрира). Секој од 62-та пиктографа е повик и симбол, стандард што ќе ја разгори гордоста на гледачите за време на најголемиот спортски настан во светот, пишува ЛОИ 2024.
– Меѓународните федерации одиграа улога во нивниот развој – рече главната директорка за бренд на ЛОИ 2024, Жули Матикин.
Пиктографите се карактеристика на ЛОИ уште од Токио во 1964 година, со широк спектар на симболи што се користат за претставување на секој спорт. Оттогаш, секоја земја-домаќин се труди да ги надминува границите, со стилски промени што се гледаат со секое издание на Игрите. Париз 2024 повторно ќе направи револуција во пиктографите, создавајќи знак на афинитет со големата и убава спортска заедница, пишува ИОК.