Ракометните возбудувања за македонскиот првак Вардар во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе продолжат денеска, кога во Скопје гостува белорускиот првак Мешков (17.30 ч.). Двата клуба досега во ЛШ се сретнале само двапати (сезоната 2016/2017), а резултатот е 1-1. Црвено-црните во Скопје славеа со 31-27, а на гости загубија со 26-30. И покрај ова, двата клуба добро се познаваат, оти во Регионалната лига (РЛ) дури 14 пати ги одмериле силите. Притоа Вардар забележал девет победи, трипати загубил, додека два дуела завршиле нерешено. Скопјани постигнале вкупно 442 гола (во просек 29,46 по меч), а примиле 419 (27,93).
Во десеткратниот првак на Белорусија, во кој има само двајца двометраши, левиот бек Павел Даравеј (208 см) и пикерот Вјачеслав Шумак (204 см), а предводен од искусниот шпански стратег Маноло Каденас, играат девет интернационалци (тројца Хрвати, по двајца Срби и Словенци и по еден Чех и Русин). Годинава клубот се засили со централниот бек Александар Бачко (дојде од фински Кокс), српското десно крило Дарко Ѓукиќ (Киелце) и Хрватите, десниот бек Шиме Ивиќ (Висла) и централниот бек Сандро Обрановиќ (Шамбери).
Белорусите се добри и по бековските и по страничните линии и во никој случај не треба да се потценат, без оглед на нивните неубедливи досегашни осум настапи во ЛШ и фактот што поради суспензија (црвениот картон против Киелце) нема да настапи левиот вардаров бек Вуко Борозан. Таму пред сѐ предничат десното крило Џианис Рутенка (лани 36 гола во ЛШ), рускиот лев бек Александар Шкурински (34), десниот бек Сергеј Шилович (48), голманот Витали Чарапенка, како и Ѓукиќ (35) и Ивиќ (36).
За разлика од Вардар, кој забележа четири победи (Монпелје, Кристијанстад, Веспрем, Левен) и еден пораз (Киелце) и е водечки во групата А (заедно со Барселона и Киелце) со осум бода, Мешков засега е шести со четири бода, односно две победи (Кристијанстад и Монпелје) и три порази (Левен, Веспрем и Барселона).
Г.И.