Во едното сценарио, прифатливо за Киев, Украина би ѝ нанела на Русија толку сериозни загуби, што воената машинерија на Москва би станала деградирана до тој степен што сите понатамошни мобилизации не би биле доволни за да може да ја поврати иницијативата. Во тој случај руското воено присуство на украинска територија би се нашло во сериозна опасност. Во другото сценарио, прифатливо за Москва, Русија би успеала да ја „турне“ Украина назад кон Донбас, со што би се намалил воениот потенцијал на Киев и би се депримирал украинскиот борбен морал. Со бавните и главно симболични испораки на оружје од Запад, шансите на Украинците драстично се намалуваат. И покрај тоа што руските загуби и понатаму би биле огромни, Кремљ сепак би имал крвав и скап – но изводлив – пат до победата. Во секој случај, едно сценарио дефинитивно треба да се исклучи како можност: застој во конфликтот
ОД АНАЛИЗАТА НА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ (ЕЦФР): СЦЕНАРИЈА ЗА КОНФЛИКТОТ ВО 2023 ГОДИНА
Како што конфликтот полека ја минува временската граница од една година, европската и светската јавност сѐ погласно се прашуваат колку ќе трае војната и какви сценарија би можеле да се развијат во текот на 2023 година? Но, од оваа перспектива и временска дистанца, Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР) се обиде, врз основа на свои согледувања и анализи, да синтетизира сценарио за тоа како ќе се одвива конфликтот во 2023 година.
Опсервации за Русија
Од февруари 2022 година, Русија води војна. Односно, како што тие ја нарекоа, води „специјална воена операција“. Но наместо брзо да настапи во длабочината на територијата на Украина од повеќе страни – како што најпрвин планираше – Москва се преструктурира за бавна остра војна на истокот од земјата, за долгорочно и систематски да ги еродира ресурсите на Киев. Нејзините надежи се дека Украина на крајот доброволно ќе се предаде или, пак, дека нејзиниот организиран воен отпор ќе колабира. За да успеат да ја оневозможат меѓународната помош за Украина, носителите на одлуки во Русија се потпираат на својата информативна војна и на задушувањето на енергетските испораки кон Европа. Од гледна точка на Кремљ, оваа стратегија би можела да се покаже успешна; Русите најверојатно ќе продолжат со неа.
Имајќи цел да продолжи со ваквата исцрпувачка војна и да ја поврати својата иницијатива, во септември 2022 година Русија воведе делумна мобилизација. Приливот на дополнителни војници – без разлика колку слабо се обучени и опремени – ѝ помогна на руската војска подобро да ги брани своите линии и да продолжи со офанзивни операции на подобро обучените воени единици.
Нови дополнителни воени сили од вкупно околу 150-200 илјади мобилизирани цивили во новоформираните дивизии и корпуси тековно добиваат воена обука и во блиска иднина ќе се приклучат на борбените дејства во Украина.
И покрај засилените шпекулации за обновен напад што би дошол од територијата на Белорусија, таквиот потфат тешко дека е веројатен, барем во текот на остатокот од годинешната зима и пролет. Доколку Русија имаше план да го реализира тоа, веројатно веќе ќе распоредуваше повеќе воени единици во Белорусија. Наместо тоа, во првиот квартал од годината Белорусија ќе служи како голем полигон за маневар и обука на руските воени сили. Овој факт не би требало да се потцени, бидејќи формирањето нови борбено подготвени формации, составени од мобилизирани војници, во основа трае многу подолго одошто беше најавено од страна на руското министерство за одбрана.
Операција од белоруска територија сè уште би можела да биде изводлива малку подоцна годинава, особено доколку Москва спроведе уште една мобилизација. Сепак, секоја понатамошна мобилизација ќе се соочува со тешкотии: со секој нов бран, процентот на мажи со некакво воено искуство ќе се намалува, а поради недоволниот број на офицери и специјалисти за обука, овие трупи ќе се намалуваат побрзо одошто може да се дополнат. Оттука, иако дополнителната мобилизација не е невозможна, таа веројатно ќе донесе само послаби резултати, во смисла на ефикасност на бојното поле.
Додека руските вооружени сили континуирано се борат со голем број проблеми, руската одбранбена индустрија се покажа како неверојатно отпорна. И покрај санкциите, за време на војната Русија го зголеми капацитетот за производство на домашни крстосувачки ракети. Иако Москва не е во состојба да ги дополни со ново производство своите скапи висококвалитетни системи за вооружување, таа со силно темпо продолжува да произведува поевтини конвенционални системи.
И покрај информациите за недостиг од муниција, од октомври досега, руското гранатирање на украинските позиции продолжува со релативно константно темпо.
Можно е поддршката од Северна Кореја (или нејзиното пренесување муниција, купена од други земји) да претставува составен дел од оваа руска отпорност, но засега нема достапни веродостојни информации за постоење ваков вид испораки. Откако се префрли на воено-економски наменски режим, руската индустрија за тенкови сега на годишно ниво произведува 200-250 нови тенкови „Т-72Б3“ и „Т-90М“. Во последно време, вториот модел го има во сè поголем број на украинското бојно поле.
Оттука, Русија најверојатно ќе остане во офанзива некаде до почетокот на летото, а потоа нејзината борбена моќ веројатно повторно ќе опадне. За да може да ги одржи проширените воени фронтови, Москва ќе мора да спроведе уште еден мобилизациски бран до крајот на зимава. Во тие моменти, преоптоварените руски позиции ќе бидат ранливи во однос на украинските контраофанзиви.
Опсервации за Украина
Во првата половина на 2023 година Украина ќе биде силно притисната да се брани од новите руски напади, кои веќе се започнати. Тешко е веројатно дека ќе биде способна да спроведе контраофанзива од некои големи размери, бидејќи нејзините вооружени сили немаат доволно средства за преземање директни напади врз руските сили (особено оклопни транспортери, пешадиски борбени возила и тенкови). Наместо тоа, Украина ќе се задоволи со индиректен оган, како артилерија и ракети, за да се ослабат руските линии, а потоа да се нападнат со умерени воени сили. Но, доколку контингентите со тешки копнени возила (тенкови и пешадиски борбени возила) продолжат засилено да пристигнуваат од Запад, во втората половина од годината веќе ќе може да се планира украинската контраофанзива.
Подготвил: Mарјан Велевски