Поништен е повикот за субвенционирани летови од двата аеродрома во државава и ќе биде распишан нов. Комисијата за евалуација на понудите што на повикот ги доставија авиокомпаниите „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан ерлајнс“ констатирала дека не ја доставиле пропишаната комплетна документација и го поништила повикот.
-Од страна на Комисија составена од членови од неколку државни институции се изврши евалуација на доставените понуди и притоа Комисијата констатира дека авиокомпаниите не ја доставиле комплетната документација пропишана во условите од јавниот повик. Согласно тоа, Комисијата донесе одлука за поништување на јавниот повик – соопшти попладнево Министерството за транспорт и врски.
Оттаму очекуваат во најбрз врменски период Комисијата да распише нов јавен повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за период 2023-2025 година.
Најавуваат дека јавниот повик ќе се објави во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска унија. – Целта е да се поттикне и развива воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија и да се овозможи поголем број на дестинации за граѓаните, стои во соопштението.
Ресорното Министерство потенцира Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за транспорт и врски е силно посветена на реализација на програмската определба за развој на авиосообраќајот.
-Нашата цел е да ги искористиме капацитетите што ги нуди Меѓународниот аеродром Скопје и Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле и да овозможиме квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните преку конкурентни цени на авио билетите – посочуваат од Министерството за транспорт.
Со поништениот повик, што траеше од 20 декември лани до 26 јануари годинава, за разлика од претходните, можеа да се изберат повеќе авиокомпании што ќе добијат субвенции за нови авиолинии. Се предвидуваше да се доделува субвенција од седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје” и од 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле” – Охрид.
За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии.
На 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер”.