Нови изданија
Книгата „Поли“ од еминентниот писател, поет и драмски автор Трајче Кацаров, која деновиве излезе од печат, е збирка од три драми за деца напишани со езоповска леснотија и несекојдневен, софистициран хумор. Таа е составена од драмите „Поли“, „Шумското радио“ и „Трипати по три овци“.
– Трајче Кацаров, во манир на современ Езоп, создава модерни драми, наменети за денешните деца, а со ликови што им се блиски: куче, полжав, желка, зајак, лисица, мачка… Сите три драми се напишани шармантно, симпатично, со кратки и динамични реплики, со мали описи и со галерија од интересни ликови – животни, обоени со сите можни човечки карактеристики: желби, надежи, лакомост, кариеризам, верност, страв, грижа – ќе рече Огнен Неделковски во својот осврт кон книгата.
Тој додава дека, освен хуморот, овие три драми на Трајче Кацаров изобилуваат и со ненаметлива едукација и запознавање на најмладата генерација со басните на Езоп, со „Хамлет“ на Шекспир, со бубачките и шумските ѕверки на Славко Јаневски, но и со некои значајни изведувачи, од калибарот на Џон Траволта, Сајмон и Гарфанкел и „Би Џиз“.
– Својата уметничка мултиталентираност Кацаров ја докажува и со впечатливите илустрации во книгата, кои се негово дело. Во секој случај, „Поли“ е книга што треба да ја има секој театар за деца и секоја училишна библиотека. И, секако, овие три драми треба да живеат и на сцена, за која и се така мајсторски напишани – вели Огнен Неделковски.
Во насловната драма „Поли“, полжавот Поли има желба повторно да го победи зајакот Фјуу и во тоа успева, но сфаќа каде припаѓа и кое е неговото вистинско место. Ежот диџеј, желката Тртка, полжавите Ула и Ули, зајчето Уште – се вистинска галерија од интересни ликови, реплики на ликовите од басните на Езоп, но крајно модернизирани и лесно прифатливи за денешните деца.
Во драмата „Шумското радио“, Ежот новинар и тон-снимателот Врапчо се борат да ги задржат своите работни места, а Бувот, кој им е главен и одговорен уредник, постојано сака да ги избрка од работа. Ловот на сензационалистички вести ќе ја донесе мачката Зока, без да сака, на местото главен и одговорен уредник на „Шумското радио“. Исто како и во животот… Кога двајца се караат, а третиот користи.
Кучето Златко е единствен лик што се појавува и во „Шумското радио“ и во третата драма, наречена „Трипати по три овци“. Во неа, авторот Кацаров се фаќа во костец со класична детективска приказна, која треба да ја реши детективката Бонита Финита и која треба да открие кој ги зема овците од стадото, преку кучето Златко и неговиот помошник Помагаловски.