Поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша, му порача на актуелниот претседател на Владата, Еди Рама дека „ќе биде соборен пред локалните избори во 2019 година“.
Гостувајќи во телевизиска дебата Бериша истакна дека опозицијата се подготвува за масовни антивладини протести.
– Демократската партија (ДП) и опозицијата се подготвуваат за протести. Тоа ќе бидат масовни протести. Демократската партија нема да ги бојкотира изборите туку ќе го собори Рама пред изборите – наведе Бериша.
Историскиот лидер на ДП додаде дека „оваа Влада може да ја собори само народен револт“.
Дека здружената опозиција се подготвува за масовни протести до соборување на Владата на премиерот Рама, претходно најави и потпретседателот на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) и координатор на пратеничката група Петрит Васили.
Опозицијата, според него, не го доведува во прашање учеството на локалните избори во јуни 2019 година, но има еден услов, а тоа се избори без Рама како премиер.
– Целта на протестите ќе биде неговото заминување и организирање на избори со друг премиер – истакна Васили.
Инаку, и актуелниот лидер на ДП, Љуљзим Баша, деновиве изјави дека опозицијата нема да се согласи да оди на избори доколку актуелниот премиер Рама биде на таа функција.
– Албанската опозиција се подготвува за избори, но без Рама како премиер – посочи Баша.
Тој уште додаде дека здружената опозиција се подготвува и за локални и за парламентарни избори и оти е убеден во победата на изборите, бидејќи како што истакна, „на народот му е доста од актуелната криминална власт“.