Ѓоковиќ го направи најголемиот скок при враќање на еден тенисер на врвот, од петтото до првото место, пишува АТП. Младиот македонски тенисер Ивановски, по второто место на турнирот во Тунис викендов, напредуваше девет позиции и е на 534-то место, што е негов највисок пласман досега

ТЕНИС – ПО ОСВОЈУВАЊЕТО НА 22-ОТ ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР И ВРАЌАЊЕТО НА ПРВОТО МЕСТО НА АТП-ЛИСТАТА

Новак Ѓоковиќ од Србија се врати на првото место на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), па по триумфот на гранслем-турнирот Австралија опен тој има 7.070 поени, што беше доволно од петтото место да се врати на првата позиција, пред Шпанецот Карлос Алкараз (6.730 поени). Ѓоковиќ ја почна 374-та недела на врвот на АТП-листата, што е нов рекорд.
Трет на АТП-листата сега е финалистот на Австралија опен, Стефанос Циципас (6.195 поени) од Грција. Ѓоковиќ го направи најголемиот скок при враќање на еден тенисер на врвот, од петтото место на претходната листа, до првото место на најновото рангирање, пишува АТП, на својата интернет-страница.
– Имам уште многу мотивација. Да видиме до каде ќе ме однесе. Навистина не сакам да застанам тука. Немам намера да застанам тука. Се чувствувам одлично за мојот тенис. Знам дека кога се чувствувам добро физички и психички присутен, имам шанса да го освојам кој било гранслем-турнир против кого било – вели Ѓоковиќ, пренесе АТП.
Меѓу врвните пет на светот се уште и Норвежанецот Каспер Руд (5.765 поени) и Русинот Андреј Рубљов (4.200), а од првата петорка испадна Шпанецот Рафаел Надал, кој сега е шести, загубувајќи 1.955 бода, односно сега има 3.815.
Младиот македонски тенисер Калин Ивановски, по второто место на турнирот во Тунис освоено во неделата, напредуваше девет позиции и сега е на 534-то место, што е негов највисок пласман досега.
Во женска конкуренција води Ига Швјонтек од Полска со 10.485 бода, пред Белорусинката Арина Сабаленка (6.100) итн. Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорчевска на ВТА-листата моментно е на 211-то место. Г.И.