Доајенот на македонскиот бокс Живко Дуковски почина на 84-годишна возраст, соопшти денеска Боксерската федерација на Македонија (БМФ), а пренесе МИА.
Својата боксерска кариера Дуковски ја почна во 50-те години од минатиот век, постигнувајќи го својот најголем успех во 1957 година со освојувањето на сребрениот медал на поединечното првенство во поранешна СФР Југославија.
Откако стави крај на активната боксерска кариера, Дуковски почна успешна тренерска кариера профитирајќи голем број познати и успешно боксерски имиња од калибарот на Салиху, Самоиловски, Калач, Реџепагиќ, Смилевски, Голубиќ, Ристевски, Мемеди, Ѓошевски, Јакупи, Василев и уште десетина други, кои го прославија македонскиот бокс.
Легендарниот Дуковски беше иницијатор и основач на традиционалната боксерска манифестација „Златен гонг“, која својата премиера ја имаше во 1968 година. Преку оваа манифестацијата низ годините продефилираа многу звучни имиња на македонскиот бокс, вклучувајќи го двократниот освојувач на бронзениот медал на европските првенства Вели Мумин.
– Дуковски замина во вечноста, но тоа што го направи за македонскиот спорт вечно ќе се памети – соопшти БМФ.
Дуковски беше прогласен меѓу десетте најуспешни тренери во историјата на македонскиот спорт, а беше член на Македонскиот олимписки комитет, како и член на Техничката комисија на ЕАБА.