Испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење до објектите од почетокот на грејната сезона се одвива континуирано и така ќе продолжи до крајот на грејната сезона, изјави Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство од АД ЕСМ.
– Во овој момент нема дефект на централниот систем за греење со кој управува ЕСМ и нема затворен објект за испорака на топлинска енергија по тој основ. Топлинска енергија се испорачува до сите објекти приклучени на системот со кој управува ЕСМ. Од почетокот на грејната сезона до денес дефектите во дистрибутивната мрежа и во производните постројки се во очекувано мал број и се санирани во најкраток можен рок, со највисок приоритет, со цел намалување на загубите и воспоставување на редовен режим на испорака на топлина до потрошувачите – рече Маројевиќ.
Таа рече дека испораката на топлинската енергија до потрошувачите согласно регулативата се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури во различни периоди од денот. Доколку надворешните температури се пониски, се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите. При испораката на топлинска енергија се обезбдува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците. Потрошувачката на топлинска енергија во објектот се регистрира на мерилото во топлинската станица.
– Повисоките надворешни температури во одредени денови во однос на очекуваните во текот на грејната сезона, влијаат на намалување на потрошувачката на топлинска енергија кај потрошувачите, а тоа директно влијае и на порамнителните фактури за топлинска енергија. Потрошувачите, во текот на целата година, во своите сметки на задната страна добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле, колкава е ангажираната моќност и колкава е разликата помеѓу реалниот и надоместокот кој потрошувачите го авансирале со авансните факури – рече таа.
Истакна дека во изминатите три месеци, откога ЕСМ ја има лиценцата за производство дистрибуција снабдување на топлинска енергија во градот Скопје има постојан раст кај повторните вклучувања во системот и нови потрошувачи.
-Околу 70 исклучени потрошувачи повторно се приклучиле и дале доверба на системот за централно греење. Во 17 објекти со вкупна инсталирана топлинска моќност од 5 мегавати и 1200 нови потрошувачи е извршено пробно греење од кои 12 објекти со инсталирана моќност од околу 3 мегавати и 750 нови потрошувачи се приклучиле до денеска на системот за централно греење. Ги повикувам потрошувачите за сите пријави на дефекти и рекламации за квалитетот на греењето, да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи, сите потрошувачи кои ја добиваат фактурата во хартиена форма да ја искористат можноста за добивање на е-фактура и оние кои сеуште немаат склучено договор за снабдување да продолжат да пристапуваат кон пунктовите да склучуваат договори – рече Маројевиќ.