Кога не се грижам што мислат луѓето и какви се нивните очекувања од мене, полесно ми е да успеам. Тоа беше она што се трудев да го направам во 2022 година. Иако се гордеам со нив, нема да се трудам да ги повторам моите претходни достигнувања, бидејќи тоа не би било конструктивно, изјави Швјонтек за „Би-би-си“

ТЕНИС

Ига Швјонтек планира да ги спречи надворешната бучава и зголеменото внимание, кое доаѓа со тоа што е светски број еден и тенисерка што треба да се победи, пишува „Би-би-си“.
– Кога не се грижам што мислат луѓето и какви се нивните очекувања од мене, полесно ми е да успеам. Тоа беше она што се трудев да го направам во 2022 година. Иако се гордеам со нив, нема да се трудам да ги повторам моите претходни достигнувања, бидејќи тоа не би било конструктивно. Таква сезона е нешто неверојатно и ретко – изјави Швјонтек за „Би-би-си“, која е прва носителка и се подготвува за настап на Австралија опен од денеска.
Полската тенисерка ја заврши минатата година со две гранслем-титули, од Ролан Гарос и од САД опен (првата тенисерка по Анџелик Кербер во 2016 година што освоила два од четирите главни турнири во една сезона) и цврсто застана на врвот на рангирањето на Светската асоцијација на тенисерки (ВТА).
Стигнувањето до полуфиналето на Австралија опен лани ја постави платформата за уште поголеми работи и кога Ешли Барти изненадувачки го објави своето пензионирање во март, нешто повеќе од еден месец по освојувањето на титулата на Австралија опен, Швјонтек веќе се наметнуваше како водечка сила на ВТА-турнејата, пишува „Би-би-си“. Со титулите веќе освоени во Доха и во Индијан Велс, Швјонтек ги освои своите следни четири турнири, во Мајами, Штутгарт, Рим и на Ролан Гарос, како дел од победничката серија од 37 натпревари. Серијата, која заврши на нејзината најмалку омилена подлога, тревата на Вимблдон, е заедничката најдолга победничка серија од 1990 година. Но со успехот на теренот доаѓа поголемо внимание надвор од него.
– Го ценам тоа што ме препознаваат и открив дека луѓето се љубезни кон мене. За среќа, не можам да се сетам на никакви чудни или тешки ситуации со гледачите. Се разбира, има одредена омраза на интернет, но грубите коментари по пораз на натпревар му се случуваат речиси на секој спортист денес. Не ги читам таквите коментари или пораки, тоа е во основа единствената негативна страна засега. Во моментов само го ценам секој миг кога можам да бидам слободна и да бидам целосно своја. Мислам дека на сите ни е потребен тој простор – рече Швјонтек, пренесе „Би-би-си“.
Основниот тениски тим што ѝ помогна да постигне успех во минатата година, психологот Дарија Абрамович, тренерот Томаш Викторовски и фитнес-тренерот Мациеј Ришчук, останува на своето место.
– Мојот тим секогаш размислува за моето здравје и мојата благосостојба и го балансира мојот распоред на тренинзи и обврски надвор од теренот. Тие навистина работат на создавање планови што не се премногу интензивни за мене, ги ограничуваат моите незадолжителни активности за да се осигури дека нема да се чувствувам исцрпено или снеможено. Ако бидам вклучена во сѐ што ми се нуди, ќе бидам уморна цело време. За мене е важно да одржувам рамнотежа додека се фокусирам на моите спортски перформанси. Тоа е моето главно правило – изјави Швјонтек.