Фото: Игор Бансколиев

В четврток, во Париз, ќе играат Чикаго и Детроит

КОШАРКА

Чикаго и Детроит, по пауза од 2020 година, в четврток треба да го одиграат првиот европски натпревар на кошаркарската НБА-лига, во Париз, пишува „Скај спорт“. НБА ќе се упати кон главниот град на Франција за редовниот натпревар во Европа.
Ова ќе биде трет меч на Чикаго во Париз, откако одигра два претсезонски натпревари во француската престолнина во 1997 година, а Детроит ќе го игра својот прв натпревар во Франција, откако претходно играше мечеви од регуларната сезона во Лондон (во 2013 година) и во Мексико сити (2019-та), пишува НБА на својата интернет-страница.
Натпреварот во Париз годинава ќе го обележи првиот НБА-натпревар во Европа од 2020 година и 12-от натпревар на лигата во Франција од 1991 година, кога настапија Шарлот хорнетс и Милвоки бакс.
НБА-лигата го одигра својот прв натпревар во Франција во 1991 година. Покрај 12 претсезонски и редовни натпревари во Франција, лигата беше домаќин на интерактивни настани за гледачите, настапуваа сегашни и поранешни играчи…, пишува НБА.
Првиот меч од регуларната сезона на НБА надвор од Северна Америка е одигран во 1990 година, во Токио (Јапонија), кога Феникс и Јута одиграа два меча, а во Европа во 2011 година, во Лондон (Велика Британија), кога, исто така двапати, се сретнаа Торонто и Њу Џерси.