Во неделата, ултрадесничарски екстремисти се обидоа да го соборат демократски новоизбраниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, една недела по неговата инаугурација. Со цел за јавноста автентично да отсликаме што всушност се случи во оваа јужноамериканска земја и кои се процените како оваа политичко-безбедносна криза ќе се развива, направивме анализа во која свој осврт и процена даде и поранешниот македонски амбасадор во Бразил, Ивица Боцевски
Анализа на состојбите во бразилската престолнина по неуспешниот државен удар
Во неделата, ултрадесничарски екстремисти насилно упаднаа во институциите во главниот град на земјата, Бразилија, во обид да го соборат демократски новоизбраниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, една недела по неговата инаугурација. Милитантните поддржувачи на Болсонаро ги вандализираа трите соседни згради во комплексот – претседателските канцеларии, резиденцијата на претседателот и зградата на конгресот и на бразилскиот Врховен суд, чии прозорци беа целосно искршени. Мебелот беше демолиран и фрлен наоколу, а наводно биле украдени предмети од претседателската палата и од Врховниот суд.
Видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат пожари што горат внатре во зградата на конгресот.
Државен удар?!
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва вчера ја посети демолираната претседателска палата, еден ден по големите нереди, со што испрати порака до домашната и меѓународната јавност дека сепак ја држи под контрола ситуацијата во земјата. Веднаш потоа Лула со декрет го именува извршниот секретар при сојузното министерство за правда Рикардо Капели за федерален интервентор. Со тоа Капели ја презеде контролата врз органите за безбедност на Федералниот дистрикт (Бразилија), што е своевиден пандан на Државната безбедност. Според декретот, „федералната интервенција“ ќе трае до 31 јануари.
За потсетување, Лула, кој се смета за ветеран левичар, положи заклетва како нов претседател на Бразил минатата недела, на прославата на која присуствуваа стотици илјади Бразилци, но и голем број претседатели и шефови на влади од целиот свет, давајќи му меѓународен легитимитет со тоа.
Од друга страна, илјадници екстремисти, приврзаници на Болсонаро, одбија да ја прифатат тесната победа на Лула на изборите во октомври, поминувајќи ги последните недели кампувајќи низ целата земја и повикувајќи на воен удар. Тие до последен момент се надеваа дека ќе им се придружат припадниците на армијата, но не дојде до тоа.
Болсонаро, екстремно десничарски поранешен армиски капетан чиј главен меѓународен сојузник беше Трамп, го напушти Бразил во пресрет на инаугурацијата на Лула и моментално се наоѓа на Флорида. Тој одговори на настаните во неделата со кратка низа објави на социјалните мрежи, во кои вели дека инвазијата на јавните згради ја преминала границата. Сепак, Болсонаро не ја осуди толпата и, наместо тоа, го обвини Лула дека тој е одговорен.
Она што веднаш падна во очи за време на нередите е отсуството на воената полиција во Бразилија во неделата додека толпите маршираа кон трите објектите на трите главни институции на власта. А толпата поддржувачи на Болсонаро го почнаа маршот кон Врховниот суд од својот камп, во најблиското соседство на штабот на армијата во Бразилија, кон претседателската палата и Конгресот без да ги запре некој.
По насилниот упад, завчера доцна попладне властите повторно ја презедоа контролата врз некои од зградите, а полицијата соопшти дека се уапсени 300 луѓе. Телевизиските снимки покажаа десетици луѓе со лисици на рацете како лежат на земја, надгледувани од службениците за спроведување на законот.
Боцевски: Во тек е ефикасно расчистување на „томада де подер“
Доскорашниот македонски амбасадор во Бразил, Ивица Боцевски, внимателно ги следи случувањата во Бразилија и токму затоа е најдобар соговорник во моментов за да ги споделиме најновите информации.
– Вчера веќе започна демонтирање на кампот со шатори на приврзаниците на поранешниот претседател Болсонаро, лоциран пред Генералштабот на бразилските вооружени сили во Бразилија, а акцијата ја координираат војската и униформираната полиција на Федералниот дистрикт. „Камперите“ ќе бидат однесени со автобуси до седиштето на федералната полиција, каде што ќе се утврдува кој од нив ќе оди во притвор поради учество во вчерашните нереди.
Демонтажата на кампот е договорена завчера, на заедничкиот состанок на командантот Жулио Сезар де Аруда, шефот на бразилскиот Генералштаб, и трите министри од кабинетот на Лула, за одбрана Жозе Мусио Монтеиро, за правда Флавио Дино и Руи Коста, министер одговорен за претседателската администрација. Сето тоа доволно зборува дека претседателот сака ефикасно расчистување на целиот случај – вели Боцевски.
Според неговите сознанија, сите гувернери на сојузните држави вчера беа итно повикани во главниот град Бразилија, каде што во текот на денот требаше да имаат состанок со Лула и со Александар Мораеш, член на Врховниот суд и претседател на Федералниот изборен трибунал.
Во меѓувреме, актуелниот претседател Лула добива силна меѓународна поддршка од сите страни, најпрвин од најголемите и највлијателните – САД, Кина и Русија, а подоцна и од сите членки на БРИКС и од Латинска Америка итн.
– До каде оди поддршката на бразилскиот претседател зборува и фактот дека Густаво Педро, претседателот на Колумбија, свика итен состанок на Организацијата на американските држави, за да се заземе став и да му се изрази поддршка на Лула. А дека состојбата се нормализира, најдобар показател се Бразилската берза и берзите во Латинска Америка, кои реагираат засега со претпазливост, но вчера изутрина веќе забележаа мошне благ раст – дополнува Боцевски.
Како и во секоја ваква ситуација, и овој пат на удар се најдоа новинарите, па неколкумина новинари и фоторепортери беа нападнати за време на неделните немири. Тоа наиде на најостра осуда од претставниците на медиумите.
– Кога сме кај медиумите, интересно е да се цитира водечкиот бразилски весник „Фоља де Сао Паоло“, кој во својот уреднички коментар „Што мисли Фоља“ ги осуди бунтовниците и текстот го наслови „Банда идиоти“. Сепак, и покрај таквиот наслов, весникот во поднасловот веќе се залага за почитување на законитоста и вели дека „лидерите на пучистичката групација мора да бидат казнети во рамките на законот“ – додава Боцевски.
Можеа ли да се спречат немирите?
Изминативе месеци многумина во Бразил попусто предупредуваа дека тврдокорните поддржувачи на Болсонаро би можеле да изведат државен удар со надеж дека ќе ја поништат победата на Лула. Неделите пред инаугурацијата на Лула, на 1 јануари, можеа да се забележат јасни сигнали за можно насилство по преземањето на власта во Бразил од страна на Лула.
На 13 декември, ултрадесничари се обидоа да упаднат во седиштето на федералната полиција во Бразилија, палејќи автобуси и автомобили додека се движеа низ градот. Непосредно пред Божиќ, уште еден приврзаник на екстремистичкиот Болсонаро беше уапсен и, наводно, признал за постоење на заговор за бомбардирање на аеродромот во Бразилија, во обид да предизвика превирања што би можеле да оправдаат воен удар.
Во неделата се случи кулминацијата. Иако до вечерта ситуацијата беше вратена под контрола, сепак, улогата на полицијата е спорна. Во врска со тоа јасен беше и претседателот Лула да Силва, кој во моментот на нападот беше во сојузната држава Сао Паоло: „Сметаме дека немало доволно безбедност“, рече тој. „Сакам да ви кажам дека сите луѓе што го направиле ова ќе бидат пронајдени и казнети.“
По говорот, Лула го отпушти шефот за безбедност на главниот град Бразилија, Андерсон Торес. Причина е тоа што приврзаниците на Болсонаро очигледно се организирале во групи на Телеграм и најавиле демонстрации под мотото „томада де подер“, односно преземање на власта. Според локалните медиуми, тоа му било познато и на Сенатот во Бразилија, поради што било побарано да се зајакнат безбедносните сили. Барање што Торес не го исполнил. Андерсон Торес беше министер за правда во времето на Болсонаро.
Во неделата вечер, судијата на Врховниот суд, Александар Мораеш, нареди Ибанеис Роша, гувернер на федералниот округ, каде што се наоѓа Бразилија, инаку познат по блискоста и приврзаноста кон Болсонаро, да биде сменет од функцијата на 90 дена поради тоа што властите не успеаја да го спречат нападот. Мораеш напиша дека нападите „можеа да се случат само со прифаќање, па дури и директно учество на органите за јавна безбедност и разузнавање“.
Подготвил: Mарјан Велевски