Нов емигрантски бран и се заканува на Хрватска, пишува загрепски „Вечерњи лист“, притоа како причина наведувајќи ги новите поскапувања последица воведувањето на еврото и високата инфлација.
– Ако младите со просечна плата од илјада евра не можат да си дозволат стан кој чини две, три или повеќе илјади евра за метар квадратен, ниту пак се достапни за изнајмување станови со поволни цени, што ќе ги задржи тука – пишува весникот.
Истовремено го поставува прашањето каква корист има слободниот пазар за претприемачите ако нема потрошувачи, ако само малцинство од богатите и сиромашните останат во земјата.
– Во земја од која не е запрена емиграцијата, која страда од недостиг од работници и во која бројот на родени деца годинава ќе падне под 35 илјади, што е негативен историски рекорд, никому не му е мудро да се заканува нови поскапувања или самоволие што не е во интерес на општото добро – вели за весникот демографот Стјепан Штерц, раководител на Катедрата за демографија и хрватска емиграција на Факултетот за хрватски студии.
Според него, колку и да негираат политичарите, факт е дека со влегувањето во Шенген и воведувањето на еврото хрватското општество станува уште поранливо во однос на сета негативност што претходно влијаеше на заминувањето на младите.
– Заедно со поскапувањата, тоа ќе биде директен фактор за иселување. Инфлацијата е висока, се се разниша, тоа се случи и во други земји. Сега повторно стануваме погранична област на ЕУ и ќе имаме значителен миграциски притисок врз Хрватска – вели Штерц.
Работодавачи загрижени за демографската политика, го повикале на разговор свесни за проблемот со недостигот на работници, на што тој рекол дека недостигот од работници нема да се реши само со носење странски работници. Штерц смета дека политичкиот систем е затворен и не го почитува мислењето на професијата.
– Евтината работна сила која доаѓа во Хрватска тука практично егзистира и нема можност за зголемена потрошувачка, а со оглед на стареењето на хрватското население, таа дополнително ќе се намали, како и влез на средства од ЕУ во буџетот. Сето тоа ќе има сериозни последици како резултат на несериозниот пристап кон демографскиот проблем – заклучува Штерц.
Академик Анѓелко Акрап повторува дека Хрватска нема демографска политика, што е клучно за опстанокот на земјата, објави „Вечерњи лист“.