Повеќе од јасно е дека целиот правосуден систем е под силна контрола на политиката и веќе три децении функционира исклучиво како продолжена рака на извршната власт, односно не е независен. Сето ова е силен индикатор за девијациите на целокупната државна структура, која застранила од правецот на конституирање демократска правна држава. Она што е нужно да се направи веднаш за да почнат да се средуваат состојбите во правосудството е да се тргне политиката настрана и судскиот систем да стане целосно независен
Анализа: Предлог-решенија за предизвиците во доменот на правосудството (3)
Без функционално владеење на правото, Македонија не може да се надева на напредок во евроинтегративниот процес, особено ако се има предвид дека во првиот кластер „Фундаменти“ клучна точка е токму Поглавјето 23, судство и човекови права.
Моменталната перцепција за македонскиот правосуден систем покажува дека тој е целосно дерогиран и партизиран, судските институции не функционираат, едноставно кажано правосудството не ја врши функцијата како трета власт, односно како коректор на законодавната и извршната власт.
Затоа и не треба да изненадува исклучително ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем, која веќе е сведена под четири отсто, што е поразителен факт за една држава.
Имајќи ги предвид сите овие констатации, решенијата за средување на состојбите во македонското правосудство мора да бидат сеопфатни и базирани исклучиво врз искуствата на развиените европски и светски демократии.
Независност на судството
Повеќе од јасно е дека целиот правосуден систем е под силна контрола на политиката и веќе три децении функционира исклучиво како продолжена рака на извршната власт, односно не е независен. Сето ова е силен индикатор за девијациите на целокупната државна структура, која застранила од правецот на конституирање демократска правна држава.
Она што е нужно да се направи веднаш за да почнат да се средуваат состојбите во правосудството е да се тргне политиката настрана и судскиот систем да стане целосно независен. За да се случи тоа, потребна е стриктна примена на националните и меѓународните стандарди.
– Постои пазарење помеѓу политичките партии за определени места, како и заслуги за определени работи што се извршени, па напредување во кариерата во повисок суд и друг суд. Сето тоа е корупција и со сето тоа мора да се справиме. Доколку не го направиме тоа, ние не сме направиле ништо – вели Звонко Давидовиќ, адвокат.
Во таа насока, особено е важно да се избираат судии со интегритет, кои нема да им бидат должници на оние што ги изгласале во Собранието, ќе бидат ефикасни во работењето и ќе постапуваат исклучиво по словото на законот. Работата на сите судии мора да биде ставена под строга контрола, да се контролира колку случаи решиле, како ги решиле, постојано да се следи нивната имотна состојба и на нивното блиско семејство, да се контролираат разните бизнис-врски и ако се утврди дека судиите се навлезени во корупциски активности, веднаш да бидат разрешени и повикани на одговорност.
– Американската амбасадорка кажа дека е „збунета“ поради ваквите состојби, но треба да се знае дека „збунетоста“ се должи на нарушениот вредносен систем на кариерата и напредувањето, надворешните влијанија, ограничувачките фактори што не дозволуваат да испливаат на површина професионалци во судската и обвинителската фела, во кои се вложени сериозни финансиски средства во едукација, обука во борбата против организираниот криминал и корупција, професионалци што се посветени и постојано вложуваат во својата едукација.
За жал, сето ова дејствува демотивирачки, бидејќи не можат да дојдат до израз и не можат да добијат шанса изградени, докажани и реализирани професионалци поради нарушениот систем на вредности, некои си заминаа, а тие што останаа и понатаму се незадоволни и прашање е до кога ќе имаат трпение – вели м-р Владимир Туфегчиќ, поранешен долгогодишен судија во Одделението за борба против организираниот криминал и корупција, а сегашен адвокат и одличен познавач на меѓународноправната материја за справување со корупцијата.
Ваквата констатација наведува на единственото решение, а тоа враќање на вредносниот систем на кариерата и напредувањето, како и овозможување на назначување професионалци што постојано ќе го надградуваат своето знаење и кои нема да бидат склони на политички влијанија.
Јавно обвинителство
Јавното обвинителство мора да ја оправда улогата на главен борец против криминалот и корупцијата во државата и да ги максимизира напорите за ефективна правда, особено кога станува збор за случаите на висока корупција. Обвинителството мора да постапува неселективно, односно да не биде алатка за пресметка на секоја власт со политичките опоненти, туку да постапува против секој што ги прекршил законите. Добар чекор е одлуката да се назначи посебен обвинител што ќе се посвети на иницијативите што ги поднесува Државната комисија за спречување на корупцијата и во најкраток можен рок да се утврдува каде има корупциски дејства и веднаш да следува формирање предмет, наместо иницијативите да завршуваат во фиока и да нема никаква постапка.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев смета дека Јавното обвинителство мора да одговара на пријавите што до него ги упатува ДКСК, но и да ги испитува сите индиции за корупција по допрен глас, оти, во спротивно, нормално е да се јави перцепција во јавноста дека тоа намерно не постапува.
Тој смета дека решение за поголема ефикасност на ЈО може единствено да има ако се направи нова концепција.
– Сето тоа мора да се среди со нов закон за кривична постапка, со нова концепција на самото Јавно обвинителство, кое, според сегашната концепција, не е независен орган – посочува Илиев.
Според него, мора системски да се промени начинот на функционирање на ЈО и да се оспособат институциите да си ги вршат работите како што треба.
– Сегашниот начин на функционирање овозможува да дојде на сцена неказнивоста, а тоа води кон корупција, која брзо се намножува. Поради таа неказнивост сега се давиме во корупција. Мора да ги оспособиме институциите да си ги вршат работите како што треба. Концентрацијата на сè во Скопје, со еден Кривичен суд, со едно Обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал, сето тоа е нефункционално во моментот – појаснува Илиев.
Адвокатот Давидовиќ, пак, смета дека ЈО во иднина мора да постапува веднаш кога ќе има индиции за сторени незаконски дејства, а не да чека „намигнување“ од власта.
– Во мигот кога ќе се имаат индиции за некакви корупциски дејства, тогаш треба да се постапи. Тоа не значи дека уапсените ќе одговараат или ќе биде поднесено обвинение против нив, но мора да се спроведат некои дејства за да се утврди дали има вина или не. Тоа треба да се направи во мигот кога ќе дојде таков глас, а не да се чека и тактизира – заклучува Давидовиќ.
Судски тела со интегритет
Особено важно во средувањето на состојбите во правосудството е судските тела што одлучуваат за судиите и обвинителите да бидат предводени од луѓе со висок интегритет и познавања, кои нема да бидат подложни на никакви политички влијанија и кои работењето на судиите и обвинителите ќе го оценуваат исклучиво низ правните достигнувања. Само такви лица ќе можат точно и непристрасно да ја оценуваат работата на судиите, да утврдат дали има индиции некој судија да е корумпиран и ако се потврди тоа, тој да биде разрешен и соодветно санкциониран.
Улогата на Академијата за судии и обвинители е да произведува нови кадри што ќе бидат имуни на досегашните практики што го дерогираа судството, но, за жал, оваа институција досега не ја оправдува таа улога. Цвета непотизмот, Академијата се полни со блиски роднини на функционери, оневозможувајќи квалитетни кадри воопшто и да конкурираат. Решението да му се стави крај на ваквото неодговорно работење на овие институции, кои треба да произведуваат кадри со интегритет, е во старт да се спречи секакво политичко влијание при конкурирањето на Академијата, критериумите за прием на кандидати да бидат кренати на највисоко ниво и да бидат идентични со европските и американските критериуми, а кандидатите да влегуваат исклучиво откако ќе ги поминат најстрогите филтри за прием, односно ќе покажат вистински капацитет да бидат дел од правосудниот систем во земјава.
Особено важна е улогата на Судскиот совет како највисок орган во судството, а кој во согласност со Уставот и законот е дефиниран како самостоен и независен орган што ги обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции. Со него мора да раководат докажани кадри што не се политички инволвирани и кои непристрасно и професионално ќе одлучуваат за работата на судиите.
Градење ефикасен и функционален судски систем
За да можат граѓаните да добијат правда во разумен рок, мора судовите и судиите да бидат организирани на тој начин што секој судија ќе добие онолку предмети колку што ќе може да реализира во предвидениот рок. Долгите постапки, предметите зафрлени по фиоките, мора да станат минато и затоа треба нова реорганизација и на судовите и на бројноста на судиите.
Податоците покажуваат дека Македонија е европски рекордер според бројот на судии по жител, односно според европските стандарди на еден судија треба да му припаѓаат до 9.000 жители, додека кај нас оваа бројка е еден судија на помалку од 3.000 жители.
Во таа насока, потребно е медијацијата да игра поголема улога, поточно да не завршуваат секакви предмети на суд, туку тие да се решаваат вонсудски. Покрај тоа, треба да проработи и арбитражата како функција во земјава, со што ќе се растовари судството. Во исто време треба и одредени ингеренции да се пренесат на други институции, како што беа нотарската и извршителската служба.
Респектабилен уставен суд како чувар на правниот поредок
Уставниот суд се смета за главен заштитник на уставниот поредок и столб на правниот систем на една земја. Потребно е оваа исклучително важна институција да биде ослободена од политички влијанија преку кои сега се одредува кој кандидат ќе стане уставен судија, односно да им се стави крај на политичките пазарења за функцијата што треба да ги оценува уставноста и законитоста, да решава за судирот на надлежности на законодавната, извршната и судската власт, да одлучува за одговорноста на претседателот и, последно, но не помалку важно, да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Клучно е Уставниот суд секогаш да биде во полн состав, а не како сега да работи на работ на кворум, со што ќе се овозможи да се слушнат разни мислења на сите уставни судии и врз основа на тоа да се изгради став за одредена иницијатива.
Уставниот суд е коректор на Собранието, кое е највисок државен орган. Значи, ако Собранието донесе противуставни закони, само Уставниот суд може да го спречи таквото дејство, а од друга страна Уставниот суд одлучува за одредени човекови права и слободи ако се тие драстично нарушени од државен орган. Единствен спас, народски кажано, граѓаните имаат и гледаат во Уставниот суд и не смее да се дозволи оваа институција да ја загуби својата основна функција.
Политичката култура во Собранието мора да се издигне на многу повисоко ниво, пратениците мора да ги остават партиските интереси настрана и да одлучуваат врз основа на сивито на одреден кандидат, односно дали тој има капацитет да биде уставен судија. Во принцип, тоа мора да бидат постари судии, кои немаат никаква дамка во својата кариера и кои со својата работа покажале дека биле доследни спроведувачи на законот и правдата.
Како што пишува во Уставот, судиите се избираат од редот на „истакнати правници“, но бидејќи овој термин е растеглива норма, која дозволува за кандидати за уставни судии да се предлагаат и луѓе што не ги исполнуваат потребните критериуми, најчесто партиски војници, треба да се донесе закон за Уставниот суд и директно од Уставот да се црпи сѐ што е поврзано со Уставниот суд. Во нов закон точно би се прецизирало што значи истакнат правник и колку години работно искуство треба да има, па, така, уставни судии ќе можат да стануваат само врвни и докажани познавачи на правото.
– Човекот што треба да ги штити уставноста и законитоста треба да е докажан и во својата професија, но и во својот живот. Тоа е сериозно работно место. Треба да е човек што, ако е судија, има зад себе различни пресуди, битни пресуди што опстојале, обвинител што се истакнал во своето работење, не само во гонењето на криминалот туку и во прифаќањето на тоа дека некаде се згрешило, па и да се повлече обвинение и да има сенс за притворот, кој треба да биде мерка, а не казна. И пред сѐ да нема багаж зад себе, партиски и правен, каде што доста од неговите предмети добиле политички призвук, или, пак, да не работел по нечии насоки – смета адвокатот Звонко Давидовиќ.
Без владеење на правото не постои ниту држава
Несомнено, правосудството е исправено пред најголемиот предизвик од самостојноста на Македонија и ќе биде под главна опсервација во текот на целиот евроинтегративен процес. Во овој момент повеќе од извесно е дека тоа го допре дното, а тоа го потврдуваат и анкетите за доверба во правосудниот систем.
Годината што е пред нас треба да е година кога конечно ќе започнат вистински реформи во правосудството, кои ќе овозможат тоа конечно да се ослободи од политичките стеги и да почне да постапува според словото на законот и во интерес на граѓаните и на државата.
А држава во која нема владеење на правото, нема право да се нарекува држава, туку е само обична територија во која и натаму ќе продолжат да владеат корупцијата и криминалот, а правдата ќе остане недостижна категорија.