Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и амбасадорот на САД во Србија Кристофер Хил во Белград потпишаа Меморандум за разбирање меѓу Стејт департментот и Министерството за надворешни работи на Србија.
Дачиќ на заедничката прес-конференција истакна дека Србија треба да го зголеми интензитетот на меѓусебните контакти со САД, а со тоа и посетите и во Вашингтон и во Белград.
Тој наведе дека на 12 јануари државниот советник Дерек Шоле ќе го посети Белград.
– Секако, со нетрпение би ја очекувале и посетата на државниот секретар Ентони Блинкен. Тоа би ја потврдило определбата на сегашната американска администрација за развој на партнерски односи, посочи Дачиќ.
Тој додаде дека е задоволен и од нивото на економската соработка со САД, што надминала милијарда долари.
Овој аранжман го гледаме како уште една можност за подобрување на билатералните односи и подобро разбирање на странските политички служби. Станува збор за привремено распоредување на офицерот за врска во нашето Министерство во соодветната дирекција на Стејт департментот, појасни Дачиќ.
Хил изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот за разбирање поврзано со формирањето на офицер за врска, позиција за српски дипломат кој би работел во Стејт департментот.
Сметаме дека ова е вистинска можност нашите министерства да се зближат и подобро да ги запознаат нашите дипломати. Мислам дека Србија има традиција на добри дипломати, рече Хил.
Тој додаде дека со Дачиќ разговарал за различните прашања.