Во победата на мечот со Црна Гора најпрецизен во македонските редови беше Дејан Манасков со 10 гола, а по пет пати мрежата ја затресоа Филип Талески, Игор Ѓоргиев и Гоце Георгиевски

РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ ЗА СП 2023

Сениорската репрезентација на Македонија славеше на првиот од двата пријателски меча во Маврово, против соодветната селекција на Црна Гора, со 38-33, а во рамките на подготовките пред почетокот на Светското првенство (СП), кое идната година (11-29 јануари) ќе се игра во Полска и во Шведска. Победата беше најавена уште во првиот дел, кој македонските ракометари го добија со 19-13.
На првиот натпревар и двете селекции не беа со најсилните состави, кај избраниците на селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, недостигаа голманот Никола Митревски и бекот Филип Кузмановски, а не настапија ни бекот Давид Савревски и крилата Александар Петковски и Петар Атанасијевиќ.
Најпрецизен во македонските редовите беше левото крило Дејан Манасков со 10 гола, а по пет пати мрежата ја затресоа бековите Филип Талески, Игор Ѓоргиев и десното крило Гоце Георгиевски. Кај Црногорците прв стрелец беше левиот бек Стеван Вујовиќ со осум погодоци, додека левото крило Филип Вујовиќ и левиот бек Милош Божовиќ погодија по пет пати.
Вчера беше предвиден да се одигра и вториот пријателски натпревар во Маврово меѓу истите репрезентации. Македонија на почетокот на јануари ќе настапи и на турнир во Хрватска, кој ќе биде и последна проверка на формата пред одењето во Краков, Полска.
Македонија го почнува својот осми настап на СП 2023 на 13 јануари со Норвешка, на 15 јануари игра со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина.


Вчера попладне македонските надежи требаше да одиграат уште меч против Холандија, по што ќе беше познато дали ќе се пласираат во полуфиналето

РАКОМЕТ – ТУРНИР ВО ГЕРМАНИЈА
Кадетите подобри од Австрија, поразени од Германија

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Раде Стојановиќ, забележа победа над Австрија со 25-23 (12-11) и пораз од Германија со 25-31 (13-18), по двата одиграни натпревара на силниот турнир „Шпаркасе куп“ во германскиот град Мерциг. Во македонските редови, против Австрија најпрецизни беа крилата Марио Белистојаноски со девет гола и Марио Стојановски со шест, додека против Германија крилото Дамјан Субашевски постигна осум и Белистојаноски шест гола.
Вчера попладне македонските надежи требаше да одиграат уште против Холандија во својата група, по што ќе беше познато дали ќе се пласираат во полуфиналето. Но по триумфот на Австрија над Холандија (27-22), Македонија со каква било победа над Холандија вчера, но под услов и Германија да славеше над Австрија, ќе го потврдеше полуфиналниот настап на турнирот.
Македонија на овој турнир е во групата Б, додека групата А ја сочинуваат Сар, Египет, Исланд и Швајцарија. Двете први места водат во полуфиналето, а победниците обезбедуваат пласман во финалето. Натпреварите на овој турнир се играат по две полувремиња, но со времетраење од 25 минути.
Кадетската репрезентација на Македонија годинава триумфира во финалето на шампионатот на ЕХФ во летонскиот град Рига, совладувајќи ја Швајцарија (24-22), што, пак, автоматски ѝ донесе пласман на младинското ЕП 2024 година и на кадетското СП 2023 година. Г.И.