Фото: Игор Бансколиев

Несомнено плејада македонски политичари во овие нешто повеќе од три децении имале безброј можности, ако оделе по логиката на „леснотијата“ на Османи, да го затворат прашањето за името со Грција уште во 1991 година и Македонија веќе 18 години ќе беше членка на ЕУ и немаше да се соочува со апсурдните бугарски условувања. Но очигледно тогаш имало повисока свест за идентитетските и националните интереси, кои во никој случај не влегувале во категоријата „најлесни прашања“, туку сите биле свесни за последиците што ќе настанат ако некој се обиде да тргува со она што за секој народ е најсвето

МНР смета дека менувањето на највисокиот национален државноправен
и политички акт е лесна работа?!

Македонија изминатите години во име на евроинтеграциите направи редица болни отстапки, кои длабоко задреа во идентитетот на македонскиот народ, но ниту тоа не беше доволно преговарачкиот процес со Европската Унија да се одвива според воспоставената европска практика, па повторно мора да се носат уште болни одлуки.
Ако за нешто била конструктивна меѓународната заедница кон Македонија, тоа е единствено во признанието дека земјата се соочила со тешки и болни отстапки досега, мислејќи на промената на името и на прифаќањето на таканаречениот француски предлог, за кој сите се повеќе од свесни дека излегува од нормалната европска преговарачка рамка и диктира исклучиво бугарски услови во пристапниот процес.
Несомнено предизвиците пред кои и сега е исправена земјата со барањето за уставни измени се исклучително тешки и може да предизвикаат уште подлабоки внатрешни поделби во општеството, но шефот на македонската дипломатија Бујар Османи не го дели тоа мислење и смета дека впишувањето на Бугарите во македонскиот устав е најлесна работа?!
– Измените на нашиот Устав за вклучување на Бугарите во него се „најлесното прашање“ што Македонија треба да го реши во преговорите за членство во ЕУ – изјави неодамна Османи во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Правејќи обична аналогија на тезата на министерот, второто логично прашање што си го поставува секој македонски граѓанин во овој момент би било што е она што е потешко од откажувањето од сопствениот идентитет, јазик и историја, бидејќи повеќе од јасно е дека инсистирањето на Бугарија за уставни измени не е нималку наивна работа, имајќи ја предвид нејзината непроменета политика кон земјава повеќе од еден век.
Несомнено плејада македонски политичари во овие нешто повеќе од три децении имале безброј можности, ако оделе по логиката на „леснотијата“ на Османи, да го затворат прашањето за името со Грција уште во 1991 година и Македонија веќе 18 години ќе беше членка на ЕУ и немаше да се соочува со апсурдните бугарски условувања. Но очигледно тогаш имало повисока свест за идентитетските и националните интереси, кои во никој случај не влегувале во категоријата „најлесни прашања“, туку сите биле свесни за последиците што ќе настанат ако некој се обиде да тргува со она што за секој народ е најсвето. Едноставно кажано, националните прашања не можат да бидат толку едноставни и лесно решливи, уште помалку да се релативизираат од некој политичар во оваа земја што дал заклетва дека ќе ги штити токму тие интереси.

Затоа сега се наметнува дилемата дали македонските граѓани треба да се подготват за нешто потешко што подоцна низ преговарачкиот процес ќе го испорача Софија (скриена зад параванот на ЕУ), ако сега внесувањето на Бугарите во македонскиот устав е најлесното прашање. Впрочем, може ли некој воопшто сам да одредува што се лесно и тешко решливи прашања, особено кога станува збор за сериозни предизвици на кои треба да им се пристапи одговорно и државнички.
Соговорниците со кои се консултиравме, а кои се упатени во дипломатските политики, сметаат дека никогаш нема лесни прашања и дека на секое прашање мора да му се пристапува сериозно, особено кога се однесува на заштитата на националните интереси на државата и на народот.
– Мислам дека е политички и дипломатски неодговорно да се тврди дека внесувањето на Бугарите во Уставот е лесно прашање, кога се знае дека е тешко. Да беше лесно, досега ќе беше направено. Ниту едно прашање не може да се оценува како лесно или тешко, бидејќи во практика нема лесни прашања. Секое прашање е тешко, ако е и лесно, а не можеш да го решиш, тогаш станува тешко – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Според него, секое прашање бара да му се пристапи сериозно, добро да се анализира, да се проучат последиците од евентуалните решенија, па потоа да се носат одлуки.

– Не може решавањето на прашањата, особено ова сега со уставните измени, да се прави на ура, неодговорно е. Станува збор за суштински, судбински, но и историски проблеми што се далеку од лесни. Замислете, ако Бугарите сега на почетокот бараат да бидат впишани во Уставот, сигурен сум дека подоцна нашите преговори ќе бидат одење по маките. Пред секое поглавје тие ќе отвораат нови прашања. Сега ги воскреснаа клубовите, утре којзнае што ќе прават. Главните постулати на македонизмот се рушат и влегуваме во некој процес на асимилација, претопување. Не можат политичарите тука да ни раскажуваат приказни дека, еве, поминале шест месеци, па никој не нè асимилирал. Тоа е процес што трае, а бугарската логистика полека се поставува во земјата. Затоа ова прашање не само што не е „најлесно“ за решавање туку со актуелните бугарски позиции кон македонскиот народ, јазик и историја, апсолутно е нерешливо – истакнува Јањатов.
Воден исклучиво од своето дипломатско искуство, нашиот соговорник додава и дека релативизирањето на проблематичните прашања може да е барање алиби за домашните проблеми, кои некој намерно не ги решавал со години и сега сака да ги претстави како тешки.

– Справувањето со корупцијата и криминалот, со реформите, со носење на Европа дома зависеше исклучиво од нас. Тоа не се тешки прашања како што некој сака да ги претстави, но никогаш немало политичка волја да се направат, односно некому му одговарало земјава да не напредува – објаснува Јањатов.
Неговото мислење е дека со македонските пристапни преговори се отворија прашања што порано не постоеле во ЕУ при приемот на нови членки.
– Ако ова со уставните измени е лесно, не знам што е тогаш тешко. За жал, сето тоа Западот го аминува и Унијата молчи. Досега ни збор нема упатено до Бугарија. ЕУ, земјите-членки, можеби не сите, ама генерално ја поддржуваат Бугарија во нејзините асимилаторски настапи во однос на Македонија. Тоа никого овде не радува, далеку е од некакво најлесно прашање – заклучува Јањатов.