Иницијативи: Во организација на здружението „Во мојот свет“

Потребно е издигање на свеста за аутизмот, при што раната детекција е многу важна. Ова, меѓу другото, беше кажано на настанот што во четвртокот го организираше здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ во своите простории, поддржан од чешката амбасада, Дандан-концепт алтернативно-адаптибилен пристап во работата на професионалците со АДХД, АДД и АСД.
Меѓу другото, беше кажано дека станува збор за алтернативен концепт, кој лесно се приспособува на веќе постојни терапии во областа на аутизмот. Концепт што ги дополнува и надградува не е сам по себе метод туку е дополнителен концепт, што е за припомош на терапиите.
– Напоменувам дека овој концепт пред сѐ е наменет за професионалците во сферата на аутизмот и родителите што се упатени во таа област – изјави психологот Иванчо Горјанин, изразувајќи благодарност до чешката амбасада.
Ангела Ченгоска, специјална едукаторка и рехабилитаторка во Центарот за рана интервенција, информира дека редовно опслужуваат од 80 до 100 деца. Во работата на центарот се вклучени логопеди, специјални едукатори, психолог и детски психијатар. Ваков центар функционира и во Охрид, за покривање на Југозападниот Регион.
– Гледаме да им дадеме максимална поддршка и да ги подготвиме за живот децата од најраните години. Колку порано се почне, толку се поголеми резултатите. Соработуваме со родителите. Со работа, од секое дете може да се извлече максимумот – рече меѓу другото Ченгоска.
На настанот присуствуваше и чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва.