Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
ДА ГО НЕГУВАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Прво и најважно, да се обезбедат услови за квалитетно описменување на потребната критична маса од новата генерација потенцијални вљубеници во книжевниот јазик и јазикот на уметноста.
Секој треба да се вложи, секој што умее да пишува на негуван јазик, од својата душа за душата на оние коишто се хранат од возвишената мисла. Оти само таа мисла облагородува и култивира вредности. И тука не мислам на индивидуални цели, туку на одржување во живот на огништето на македонската книжевна и уметничка мисла, оти во студени времиња на сеприсутен обездушен говор и беден отпечатен јазик духовно се смрзнуваме и се задушуваме.
Но, зошто да не е и поамбициозно, зошто да не се поткрене на погорно национално ниво и таа мала, но насушна категорија луѓе што би пишувале и читале квалитетно. А преку тоа подигање да се повлече и подолниот слој што само чека да биде подземен угоре кон висините на македонскиот убав збор. А тоа се случува и сега. Но, секогаш може и подобро.
Но, треба да се внимава, да не дојде до онаа непожелна спрега во погореспоменатото суштинско равенство, да не испадне како онаа: „Таму и таму, кај нас во тој и тој крај, има повеќе писатели од читатели”.
Мојата завршница би била од мој агол. Јазикот најлесно и најмеко стига до увото кога лета на крилата на музиката. Па ете, песни има колку сакаш. Повеќе да се пеат нашите, помалку увезените.
Бранислав Николов, поет, музичар, фронтмен на „Фолтин“