Историски цензури во денешна смисла и еквивалент на зборот се познати и воведени уште од времето на Првиот никејски собор во 325 година, па понатаму преку Соборот во Ефес во 431 година, кога е констатиран ерес и се забранети некои текстови што се третирани како еретички, догматски неисправни и штетни за верата и моралот. Практиката на осуда на списи штетни за верата и моралот продолжува и во средниот век, кога одредени извесни теолошки универзитети и инстанци вршеле цензура во ракописите.
Француската револуција (1789) прогласува целосна слобода на мислата и на печатот, но директориумот воведува превентивна цензура. Во уметноста, литература и во театарот цензурата е позната и во времето на Античките Елини. Во некои извесни драми и драмски постановки се интервенира и тогаш. Во европската историја, политичка, културна и морална цензура се вршела низ најразлични форми и начини со векови, а ја спроведувале собори, сталежи, полиција, кралски комесаријати за печат…..
Во 20 век, цензурата што се спроведуваше во различни сфери во комунистичките режими се случуваше и се извршуваше и сѐ уште се извршува и во т.н. западни развиени демократии. Еден од еклатантните примери на цензура беше забраната за емитување на филмската сага мини-серија за Кенедиеви во 2011 година, под притисок на моќната династија Кенеди во САД.
Цензура, автоцензура, диктатура… се зборови што денес толку често ги слушаме и лесно се изговараат, ползуваат, подметнуваат, вметнуваат – до степен на феноменолошка појавност со реални социолошки фрустрации. За нас повозрасните, родени, пораснати, зреени и созреани во еден систем кога и за голи гради или некоја назнака за фриволност во некоја филмска секвенца во телевизиската програма, не дај боже нешто поексплицитно, во јавноста имаше бура од реакции, хаос. Се огласуваа најпрвин борците, до уредништвата се јавуваа со реакција за емитуваните несоодветни содржини и дејства за јавниот социјалистички морал и содржини што можат штетно да влијаат врз младите, потоа во комисиите и во највисоките државни инстанци во ЦК се дискутираа случувањата, се донесуваа заклучоци, претставки, летнуваше и понекоја уредничка глава.
Тоа беше времето што денес во политичката историја се нарекува и книжи како мека диктатура, време кога и за раскажување виц што се потсмева, иронизира и се однесува на стварноста или „ликот и делото“ на водачот се одговараше кривично, се заглавуваше, се стануваше и остануваше стигматизиран. Голем број горчливи и неизбежни спомени од тоа скудно време, кога за „Другарите“ и нивните семејства постоеше софистициран, за обичните луѓе крајно понижувачки систем на привилегии во сите сфери од живеењето – од домување, прекрасни зданија, палати, згради во централното градско подрачје и станови купени и откупени за бам-бадијала, до школување, вработување, купување (во посебни, само за нив, продавници), облекување, летување… А за најбогатите – колекции на слики, банкарски сметки и школувања во странство. Црвената олигархија длабоко и силно навлезе во порите на општеството, а некои нејзини деривации и денес се обидуваат да негуваат „династички“ однос кон стекнатите привилегии, што се препознава преку ароганцијата, приодот, облекувањето, манирите, политичкото дејствување.
За народот – молк и послушност, за „да не те изеде помрачина“. Другарите едно проповедаа, друго практикуваа. Скромните и повремени проблесоци на прогресот и авангардата, за жал, не доаѓаа како автентична состојба на духот на граѓаните, туку како решение на пленум или конгрес од Белград за, како што се велеше, „олабавување на коланот“, пресметка со анархолиберализмот. Титова мека диктатура како облик на владеење е една од најчестите карактеризации на времето, ликот и делото на Ј.Б. Тито од аналитичките кругови и експертите на новиот демократски бран.
Цензурата денес, според кибер-изворите на информации, е процес на следење на слободата на изразување, што подразбира широк спектар средства и методи, како премолчување, отстранување, уништување непожелни средства за изразување, бришење или прецртување на несаканите делови во печатените медиуми, измени или фалсификување на оние делови што не се совпаѓаат со погледот на политиките на владите или кодексите и законските одредби или уредничките политики.
Владите може да спроведат постапка и да цензурираат во согласност со законодавството или неформално, како дел од посебни мерки на тајните служби.
Според теоријата и аналитичкиот дискурс, цензурата е процедура што е вградена во авторитарните, но и во демократските држави и системи, како државен интерес во име на заштита на безбедноста, територијалниот интегритет, јавниот морал… Неодамнешните досиеја на Твитер покажаа колку е гнил светот на социјалните мрежи и колку секојдневно ни се дозира и ни се ускратува слободата. Борбата за слободен печат е клучна за слободата на човештвото и во ерата на дигитализацијата. Она што ни останува нам во ерата на апсолутна медијализација и транспарентност е само да го поплочиме и да го изодиме македонскиот дел од оваа пеколна борба за слобода. Во ова време-невреме на општествено прифатена цензура ќе ѝ биде многу тешко на македонската јавност да се избори за слобода на изразување….,според извесни аналитички претпоставки, но тоа останува единственото орудие што ни стои на располагање во борбата за нашата вистина и за нашата слобода.
Всушност, никогаш крај на дебатата што конкретно се подразбира под опсегот слобода или неслобода во медиумите, во политичкото живеење и дејствување. Едни сметаат дека денес во медиумите има премногу слобода, како никогаш досега, други, пак, сметаат дека владее медиумски мрак, трети, пак, сето тоа го заокружуваат и доживуваат како автоцензура, психолошки проблеми, притисоци, многубројни „експертски“ анализи, препораки, домашен и меѓународен мониторинг, дискусии, поправки, преправки, мислења по повод предлогот за новиот закон за медиуми, малициозности, поделби во медиумски енклави итн.
Континуирано и тажно, со загриженост што добива епски размери, ни повторуваат секојдневно, типични извесни личности во типични извесни неслободни околности, во и преку медиумите, блоговите, социјалните мрежи, за да не заборавиме дека сме длабоко несреќни, неслободни, со пластови автоцензура што се населила во нашиот ум, дека живееме во мрак, во тоталитарно општество, во полициска и контролирана држава, дека стравот оловно тешко нè поклопил.
Тоа се повторува на сет глас и за да се чуе пошироко, меѓународно, и се нуди како излез од мрачниот тунел, ослободување и вовед во нова блескава иднина во која нè чека толку посакуваната слобода. Така е тоа денес. Но за споредба и потсетување уште едно интересно доживување. Во рамките на програмата Канада и младината на светот, група југословенски млади престојувавме во оваа прекрасна земја. Некаде пред 29 ноември во далечната 1972 година, пред конзулатот во Торонто се одржаа антијугословенски демонстрации и протести од хрватската и српската дијаспора. На протестите беа носени транспаренти со карикатури на кои Ј.Б. Тито беше нацртан као јарец и сл. Ние, младите Југословени, бевме во шок. Зарем е можно и допуштено тоа, и уште мал милион коментари, недоумици и прашања. Така беше тоа некогаш. А денес? Денес можете слободно да пеете и да се забавувате, да цртате и коментирате со монтажа атракција, со фотошоп, слободно да постирате, лајкувате, четувате. А за оние за кои слободата во медиумите не е само општо место, форма, за нив ќе има онолку слобода за колку ќе се изборат самите. А говор да се говори не, туку со говорот да се каже нешто – инаку слободата е само друг збор кога немаш ни(што) да загубиш.
Аљоша Симјановски